Култура
Македонскиот филм „Сестра, брат и шахта“ го освои и Каиро, доживува големи пофалби
По Токио, каде што македонскиот филм „Сестра, брат и шахта“ на режисерот Милчо Манчевски ја освои главната награда гран при, филмот синоќа доживеа извонреден прием и на 47. меѓународен филмски фестивал во Каиро, Египет. Филмот беше прикажан во официјалната селекција, надвор од конкуренција, затоа што веќе се натпреваруваше во Токио.
Во легендарната Каирска опера публиката бурно реагира за време на филмот, се смееше и имаше емотивни реакции. Финалниот аплауз беше заглушувачки, а разговорот со публиката по проекцијата, кој го водеше програмерката Меги Морган, траеше до доцна во ноќта, а потоа Манчевски продолжи да дава автограми и селфија надвор од салата, како и серија интервјуа за египетските и за светски медиуми. На проекцијата присуствуваа и најзначајните египетски критичари, како и критичарката на „Холивуд репортер“.
„Филм кој на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето“. „Духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста, спакуван во форма на криминалистичка комедија.“ „Во фокусот на Манчевски е урнатиот систем, кој останува зад себе по неисполнетите политички ветувања“ – се само дел од коментарите за филмот.
– Интервјуа објавија и „Холивуд репортер“, „Варајети“, „Дедлајн“, британскиот „Ај он синема“… Сите светски медиуми се осврнуваат и на неколкугодишната борба на Манчевски со филмската мафија, пишуваат опширно за фактот дека неговото творештво беше блокирано со години и дека тој беше изложен на политичко малтретирање затоа што пријави корупција во Агенцијата за филм, но и дека тој доби две судски пресуди против Агенцијата, како и поддршка од антикорупциската комисија, Венецискиот филмски фестивал, „Транспаренси интернешнел“… Неговите два филма во 2026 се резултат на судските победи. Деновиве и секретаријатот на „Транспаренси интернешнел“ во Берлин објави осврт на случајот, со наслов „Случајот на еден филмски режисер влијае врз нов закон за укажувачите“ – велат од пиар-тимот на филмот.
Сузан Готлиб во својата рецензија за филмот за „Синеуропа“ вели: „Вистинска кулминација во препознатливиот стил на Манчевски: човечките односи и трагедијата, проткаени со остра опсервација на општествените услови и многу ироничен хумор“.
Емануела Бучи во „Сала гранде“ пишува: „Манчевски се враќа на долгометражната играна форма на свој препознатлив и единствен начин, со трогателна и исклучително духовита ода на двајца неодоливи аутсајдери. Нивната приказна ја следиме со посебна блискост и разбирање, низ поглед на авторот, кој знае како да се вљуби во протагонистите што ги создава и како да ја пренесе таа љубов и на публиката. Тој ги обликува со голема човечност и автентичност“.
„Брат, сестра и шахта“ е духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста… Подготвеноста на Малина и Виктор да направат сè што треба за заемно да се заштитат е она што ги прави ликовите толку впечатливи и непредвидливи. Духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста, спакуван во форма на криминалистичка комедија“, пишува Доминик Ла Виола за „Фоур тајм филм скул дропаут“ (Four Time Film School Dropout).
– Мрачна комедија исполнета со остри опсервации на општествената стварност, во која владее прекрасно изместена логика. Бронзените херои исчезнуваат од своите постаменти, но корупцијата и лицемерството на живите се многу потешки за отстранување. Наместо да ги прикажува своите обесправени протагонисти со сентименталност, режисерот им дава привлечна, нескротлива човечност. Распарчени општества, морална двосмисленост и поединци заробени меѓу личната борба за опстанок и колективната општествена дисфункционалност. Филм кој на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето. „Сестра, брат и шахта“ е живописен и горчливо-сладок потсетник дека сочувството може да опстане дури и таму каде што речиси сè друго е продадено во старо железо – пишува Мередит Тејлор за „Филмуфорија“.
„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра што живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои, кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е негов деветти долгометражен игран филм. Во 2026 година тој го реализира и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, кој самиот го финансира. Приходите од овој документарец во целост одат за жртвите во Кочани. Со ова, истата година тој претстави два филма пред меѓународната публика.
Освен Агенцијата за филм, која го поддржа филмот по незаконска тригодишна блокада на Манчевски, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и од Англија. Македонски компании и културни институции што го поддржаа проектот се: „Дајнерс клуб“, „Тиквеш“, „Витаминка“ и „Окта“, како и „Пелистерка“, „Специјал“, „Такси глобал“, хотел „Арка“, „Саманта“, „Мај принт“, Македонскиот народен театар и „Види вака“.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации во и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медија груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија.
ноември 16, 2026

