Connect with us

Свет

Папата повика да се прекине сечењето на шумите во Амазонија и ги осуди убиствата на племенските водачи

Папата Лав вчера остро го осуди, како што рече, искористувањето на амазонската прашума и ги повика католиците да бидат „истрајни“ и да се спротивстават на сечењето на шумите и загадувањето предизвикани од експлоатацијата на злато и нафта во најголемата прашума во светот.

Поглаварот на Римокатоличката црква, кој во рамките на својата турнеја низ Јужна Америка се сретна со припадниците на домородните народи во перуанскиот дел на Амазонија, изрази жалење поради низата убиства на племенските водачи кои протестирале против сечењето на шумите, нарекувајќи ги тие настани убиства кои мора да бидат расветлени.

– Многу водачи на домородните народи беа убиени затоа што ги бранеа своите територии – рече Лав во перуанскиот град Пукалпа, источната порта на Амазонија, сместен на околу 200 километри западно од границата со Бразил. „Крвта на тие браќа вика кон Бога и бара правда!“, порача тој.

Лав XIV по потекло и раѓање е од САД, но во Перу поминал околу 20 години како мисионер и бискуп, а истовремено е и перуански државјанин и овие денови се врати во својата втора татковина.

Вчера, во текот на 12 часа и три лета, тој помина оддалеченост од 2.270 километри. Го посети и Куско, некогашниот центар на царството на древните Инки. Според податоците на организацијата „Амазон Воч“ (Amazon Watch), која се бори за правата на домородните народи и заштита на животната средина, домородните заедници во Перу се соочени со сè поголем притисок поради нелегалната сеча на шумите, ископувањето злато, одгледувањето кока и ширењето на земјоделските површини.

Заедниците кои се обидуваат да ѝ се спротивстават на трговијата со дрога и нелегалните економски активности се соочени со пораст на насилството. Во извештајот на организацијата стои дека во Перу во последните 15 години се убиени 35 водачи на домородните народи, од кои повеќе од две третини во оваа деценија. Папата Лав вчера предупреди дека „обрасците на искористување и економските активности … ја загрозуваат рамнотежата на создавањето на светот“.

– Добро знаете каква штета предизвикува неселективното сечење на шумите и загадувањето на реките и другите води како последица на нелегалното рударство и излевањето нафта – им рече Папата на домородните водачи. „Тоа не се изолирани инциденти, туку последици од неодговорното искористување на природните ресурси, што го поткопува самиот опстанок на заедниците“, истакна тој.

Сечењето на шумите постојано го намалува перуанскиот дел од Амазон. Според податоците на организацијата „Глобал Нејчр Воч“ (Global Nature Watch), Перу само во 2025 година загубило околу 200.000 хектари природна шума. Папата го критикуваше економскиот модел за кој рече дека „се стреми кон искористување на природата и културите заради остварување моментална економска добивка во корист на малкумина“.

– На тој модел мораме да му се спротивставиме со истрајност и широка визија – порача тој.

Во Куско, Папата го посети археолошкото наоѓалиште на платото Саксајваман (Saqsaywaman), древна мегалитска тврдина на Инките сместена на 3.700 метри надморска височина. Царството на Инките доминирало со западниот дел на Јужна Америка од приближно 1438 до 1533 година, кога го урнале шпанските конквистадори.

Во Пукалпа, домот на домородниот народ Шипибо-Конибо (Shipibo-Konibo), мештаните изразија надеж дека посетата на папата ќе го сврти вниманието и кон лошите животни услови.

Посетата на папата на градот Куско, сместен на 3.400 метри надморска височина, само еден месец по операцијата на рак на белите дробови, привлече големо внимание и поттикна стравувања дека разредениот планински воздух би можел негативно да влијае врз неговото здравје, но тој одржа миса и притоа немаше видливи тешкотии.

Папата на 13 октомври беше подложен на операција поради аденокарцином на белите дробови, најчестиот облик на рак на белите дробови. Лекарите соопштија дека ракот бил локализиран, дека не се проширил и оти нема да му биде потребно понатамошно лекување.

Ad
Ad