Connect with us

Општини

Со свечена академија одбележан денот на ослободувањето на Битола

Со свечена академија и доделување на општинско признание „4 Ноември“, во Битола беше одбележан денот на ослободувањето на градот, традиционален настан на кој синоќа наградата за животно дело ја доби актерката Соња Михајлова.

-Свечената академија е место од кое испраќаме силна порака дека тешко стекнатата слобода пред 82 години нè прави горди на значајните културно-историски вредности што ги поседува нашиот град, истакна градоначалникот Тони Коњановски пред гостите од градот, државата и од странство.

-Вечерва се потсетуваме на храброста на нашите предци, на направените жртви, но и на издржливоста на еден народ, на македонскиот народ, во очекувањето на светлината на новата зора исполнета со надеж и можности, нагласи градоначалникот Коњановски и ги соопшти значајните постигнувања на локалната самоуправа во минатата година која, како што рече, со својот професионализам и одговорност дејствува во вистинска насока.

Традиционално, на свечената академија беа доделени наградите за годишни постигнувања во професијата и, во согласност со одлуката на Управниот одбор за доделување на наградата „4 Ноември“, таа им припадна на универзитетскиот професор Горан Илиќ, на Маргарита Камбовска – лекар педијатар и на Кире Марков – спортски тренер, додека највисокото признание, наградата за животно дело, ја доби актерката Соња Михајлова.

-Секоја награда во животот го прави видливо она кон коешто еден човек се стреми со посветеност со својот личен избор. Ова е личен момент за секој награден, а кога станува збор за награда за животно дело, емоцијата е покритична. Секаде со мене ја носам душата на овој град и душата на битолчани, граѓаните кои на сè пркосат, рече лауретот Михајлова.

Во уметничкиот дел од програмата што ја подготви режисерот Дејан Пројковски, настапија актери од битолскиот театар, млади уметници и музичари предводени од виртуозот Исмаил Лумановски. 

Ad
Ad