Забава
Изложба на „папамобили“ – возила што ги користеле папите од 1930 година до денес
Ватикан отвори изложба посветена на „папамобилот“ – култното возило коешто им овозможува на папите речиси еден век да останат блиски до верниците, како во Италија, така и пошироко.
Ватиканскиот музеј вчера ја претстави изложбата насловена „Еден век на папамобилот“, на којашто се изложени осум возила од марката „Мерцедес-Бенц“ што ги користеле папите од 1930 година досега.
„Папамобилите“ што се изложени, ги одразуваат променливите потреби на папата за време на неговите патувања – особено желбата да остане во контакт со верниците, а во поново време и да ги благословува бебињата што му ги носат. Во 1980., на пр., за посетата на Свети Јован Павле II на Германија, „Мерцедес-Бенц“ го развил моделот „230-г“ што вовел уште една значајна иновација – висока, проѕирна купола во задниот дел. Ова обезбедувало сигурност, а истовремено овозможувало јасен поглед за милионите верници собрани да го видат.
Папата Лав XIV – инаку голем љубител на автомобили, се сретна со високи претставници на „Мерцедес-Бенц“ и им се заблагодари за нивното партнерство со Светата Столица. Во своето обраќање, папата истакна дека напредокот во автомобилската технологија се одвивал паралелно со еволуцијата и промените во начинот на којшто патува папата.
– Низ децениите, „папамобилот“ еволуираше од обично превозно средство во инструмент за средба, овозможувајќи му на папата да им се приближи на верниците за време на пасторалните посети и јавните прослави. На тој начин, вашата работа помогна да ѝ се олесни мисијата на Црквата – да допре до луѓето и да пренесе порака на вера, надеж и милосрдие до целиот свет, изјави католичкиот врховен поглавар.
Најстарото возило изложено во Ватиканските музеи му било подарено на папата Пиј XI на 23 мај 1930 година. Моделот „Мерцедес-Бенц Нирбург 460“ (Mercedes-Benz Nürburg 460) поседувал луксузна фотелја тапацирана со свилен брокат, како и детали изработени од фино дрво и метал.
– Тоа беше изработено, дизајнирано и подготвено специјално за потребите на папата – до тој степен што и една едноставна споредба ја открива транзицијата од возило произведено за масовна употреба кон уникатна креација, рече Сандро Барбагало, раководител на Одделот за историски збирки при Ватиканските музеи. „ Од тој миг натаму, стана јасно како биле дизајнирани сите последователни возила – конкретно со цел да се осигура дека папата може да биде виден, но и самиот да гледа надвор, притоа задржувајќи целосна безбедност, па дури би додал – и удобност“, додаде тој.
Во своето обраќање до раководството на „Мерцедес-Бенц“, папата се осврна на електричниот „папамобил“ подарен на папата Франциско, што е во согласност со еколошките приоритети на понтифот од Аргентина.
– Во тој дух, ве охрабрувам да продолжите да ги ставате технолошките иновации во служба на човековото достоинство, грижата за созданието и општото добро, рече тој.
октомври 31, 2026


