Култура
„Црнилата на себеубивањето“ – книжевна вечер во чест на Ѓорче Петров во македонскиот КИЦ во Софија
Книжевна вечер насловена „Црнилата на себеубивањето“, посветена на ликот, делото и историското наследство на Ѓорче Петров, еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење, се одржа во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, од каде што информираат дека настанот е дел од госишната програма на КИЦ и се надоврзува на одбележувањето на 23 Октомври — Денот на македонската револуционерна борба.
-Со настанот се негува сеќавањето на личностите и историските процеси што оставиле значајна трага во македонската историја. Настанот претставуваше можност преку книжевноста да му се оддаде почит на Ѓорче Петров и да се потврди значењето на културното паметење, како и улогата на македонската литература во зачувувањето и пренесувањето на историското наследство на идните генерации. Посебно место во програмата имаше драмското дело „Црнила“ на македонскиот драмски автор Коле Чашуле, кое преку уметничката интерпретација на трагичните историски настани отвора прашања за идеалите, човечките судбини, политичките противречности и последиците од внатрешните поделби. Преку ова дело, книжевноста се потврди како мост меѓу минатото и сегашноста, поттикнувајќи размислување за одговорноста, историското паметење и вредностите што се пренесуваат низ генерациите, информира македонскиот КИЦ во Софија.
На отворањето на книжевната вечер се обрати македонскиот амбасадор во Бугарија, Крум Ефремов, а за делото „Црнилата на себеубивањето“ и неговите книжевни, историски и идејни значења говореше доц. д-р Анита Ангелевска.
-Книжевната вечер „Црнилата на себеубивањето“ помина во знакот на почитта кон Ѓорче Петров и на уверувањето дека литературата има трајна моќ да ги оживува историските личности, да го чува колективното паметење и да ги поврзува културата, историјата и современото општество. Со овој настан, КИЦ во Софија уште еднаш ја истакна важноста на континуираното културно дејствување и на одбележувањето на значајните датуми и личности од македонската историја преку книжевноста и уметноста, се наведува во соопштението.
октомври 27, 2026


