Connect with us

Вести

Мицкоски до Апасиев: Туѓите бизниси ти сметаат, а скапите хотели и шопингот во Солун не

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, од собраниската говорница упати остри критики кон пратеникот и лидер на Левицата, Димитар Апасиев, обвинувајќи го дека изнесува лаги и клевети, без да преземе одговорност за кажаното. Мицкоски, одговарајќи на пратеничкото прашање на лидерот на Левицата во врска со бизнисите на баџанакот Јорданчо Јанев, го повика Апасиев јавно, пред медиумите, да ги повтори тврдењата што ги изнел во Собранието порачувајќи дека е подготвен спорот да го решаваат пред суд.

– Овде сум јас инфериорен бидејќи по мене, вие ќе излезете и ќе фрлите уште нов грст лаги и клевети. И, нормално, како секоја кукавица, ќе ја искористите или злоупотребите собраниската говорница, без притоа да имате некаква кривична одговорност ниту за клевета ниту, пак, за нешто друго. Јас ве поканувам како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица, да излезете, ова што денеска го кажавте, и надвор, пред медиумите, на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјаки, а тоа е судот. Па ќе мора ова што денеска го кажавте да го докажете – рече Мицкоски.

Во однос на обвинувањата поврзани со Јорданчо Јанев, Мицкоски потврди дека тој му е баџанак објаснувајќи дека сопругата на Јанев е сестра на неговата сопруга. Притоа тој рече дека информацијата оти Јанев добил бугарски пасош во 2017 година не е точна тврдејќи дека тој го поседува од 2003 година.

Мицкоски посочи дека Јанев потекнува од семејство на двајца стечајци и дека татко му, кога останал без работа во тогашната фабрика „Треска“, му дал камион со кој почнал да работи за да го издржува семејството во периодот на транзицијата. Додаде дека Јанев потоа развил сопствен бизнис, кој постои повеќе од 25 години.

– Инаку, да, мене Јорданчо Јанев ми е баџанак, односно неговата сопруга е сестра на мојата сопруга. Инаку, не ви е точен податокот дека од 2017 има бугарски пасош, туку од 2003 година. Инаку, да, тој е син на двајца стечајци, татко му, кога останал без работа во тогашната „Треска“, му дава камион, кој тој го вози за да заработи, за да го прехрани семејството, кое останало без работа во времето на транзицијата. И потоа развива свој сопствен бизнис, кој трае повеќе од 25 години – рече Мицкоски.

Премиерот праша зошто би било спорно, дури и ако некој има бугарско државјанство или остварува бизнис во Бугарија, доколку заработените средства ги враќа и ги троши во Македонија. Тој оцени дека е позитивно средствата заработени во странство да се вложуваат во земјата наместо да се трошат надвор од неа.

– Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓанин, па дури и во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони, како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат тука наместо да ги изнесуваат или, да речеме, да летуваат во скапи хотели на егејското крајбрежје или да шопингуваат во Солун, како што вие милувате да кажете – рече Мицкоски.

Тој упати критики и за начинот на кој Апасиев ги изнесувал обвинувањата од собраниската говорница оценувајќи дека со нив се засегнува и одбележувањето на верските празници. Мицкоски се осврна на прославата на светите тивериополски свештеномаченици, која е градска слава во Струмица и, како што рече, се одбележува со децении.

– Но, ај што не се разбирате од бизнис, туку и доаѓате овде како секоја обична кукавица на говорница и истурате клевети што немаат никаква врска, па дури и успевате да ја сквернавите и прославата на светите тивериополски свештеномаченици, која е градска слава во Струмица и која трае со децении –-рече Мицкоски.

Мицкоски повторно го повика Апасиев да ги повтори јавно своите тврдења надвор од собраниската сала наместо, како што рече, да изнесува невистини од пратеничката говорница.

– Така што, господине Апасиев, најчесно, најпријателски, најдругарски ве замолувам за да ја оттргнеме оваа перцепција дека сте кукавица и дека немате срце, излезете по оваа беседа што сега по мене ќе ја кажете на прес-конференција, и кажете ја. Немојте вака сега да излегувате тука и да лажете, да измислувате – рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на финансирањето на политичките партии, премиерот рече дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери, кои финансиски ја поддржуваат партијата. Истовремено, тој упати обвинувања кон политичките противници дека добиваат хонорари и дневници од партијата, а потоа средствата ги вложуваат во угостителски објекти, како кафе-барови и ноќни клубови, од кои остваруваат профит.

– Инаку, што се однесува до донаторството, да, во ВМРО-ДПМНЕ има повеќе донатори, илјадници донатори, членови и симпатизери на партијата. За разлика од кај вас, кои земате од партијата хонорари и дневници, и потоа ги трошите, купувате објекти, кои потоа се кафе-барови, ноќни клубови и кафулиња, ги регистрирате, го црпите профитот од таму за да можете вашите хедонистички навики, вие и вашето семејство, да ги покажете на јавна сцена – рече Мицкоски.

Ad
Ad