Вести
Наредната есен треба да почне доизградбата на Клиничката болница – Штип, најави Клековски
До есента 2027 година треба да почнат градежните работи за доизградба на Клиничката болница во Штип – најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Клиничката болница – Штип. Тој истакна дека до крајот на годината очекува да се финализираат разговорите со Светската банка и Европската инвестициска банка и да се склучи договорот за проектот. По ова, ќе следува тендерска постапка за избор на изведувач за која се предвидуваат од три до шест месеци.
– Поминавме втор круг на разговори со Светската банка и Европската инвестициска банка. Очекуваме дека разговорите ќе финализираат до крајот на оваа година со склучување договр меѓу Македонија и Светската банка, Европска инвестициска банка и дека потоа ќе пристапиме кон спроведување тендер за довршување на Клиничката болница – Штип. Очекувањата се дека ќе бидат потребни од три до шест месеци за тенедерот. Тоа би значело летото или есента 2027 година ние би почнале да работиме на оваа болница – изјави Клековски.
Тој додаде дека постојано е во комуникација со сите надлежни во Општината, болницата, за овој процес да го води поефикасно.
– Постои комплетна посветеност овој споменик на неспособноста да го решиме и да покажеме дека Македонија може – вели Клековски.
Условите во кои се примаат пациентите и во кои работат лекарите во болницата во Штип се лоши, оцени Клековски. Но, според него, тоа мора да биде мотив за конечно да се реши прашањето со оваа болница, која опслужува над 200.000 пациенти од Источниот и Југоисточниот Регион.
Прашан кога ќе се реконструира оштетениот покрив на болницата, по силното невреме што го зафати Штип пред неколку месеци, Клековски одговори дека изведувач е избран, има жалба во одност на надзорот.
– Изведувач е избран, има жалба во однос на надзорот на објектот, штом тоа се разреши, ќе биде спремно за почнување на работите – вели Клековски.
октомври 14, 2026

