Вести
Хаџи Василева: Ќе се залагам за поголема ефикасност, финансиски истраги и дигитализација во ОЈО ГОКК
Кандидатката за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, претставувајќи ја својата програма пред Советот на јавните обвинители, денеска истакна дека фокусот на ова Обвинителство мора да биде насочен кон борбата против корупцијата и организираниот криминал, кои го зафаќаат поширокиот јавен интерес, го нарушуваат мирот на граѓаните и го оневозможуваат прогресот.
Хаџи Василева, која професионалниот пат го градела од основен до виш обвинител, а од 2024 година е дел од ОЈО ГОКК, нагласи дека одговорноста била главниот мотив за нејзината кандидатура за прв човек на оваа институција.
– Состојбите ги знаеме сите и тие не се едноставни, секако се условени од многу фактори, но мислам дека можеме и многу повеќе и многу подобро во нашата работа – изјави Хаџи Василева.
Во својата програма, темелена на четири главни столба, таа ги издвои ефикасноста и ажурноста во постапувањето, поголема активност во финансиските истраги и конфискацијата на имот и максимално искористување на истражниот центар, зајакнување на кадровската екипираност и на капацитетите преку дигитализација, како и поголема транспарентност и јакнење на јавната доверба.
Борбата против корупцијата и финансиски истраги во таа насока, Хаџи Василева нагласи дека има цел да бидат во нејзиниот фокус, бидејќи, како што рече, „корупцијата е причина и нешто што ги појачува и криминалитетот и криминалните групи во целина“.
Хаџи Василева ја нагласи соработката со домашните институции, но најави и можност за креирање заеднички истражни тимови на регионално ниво со државите од регионот за борба против организираниот криминал и корупцијата, кои, како што посочи, не познаваат граници.
Институтот за спогодување, според неа, може и треба многу повеќе да се користи, и тоа за поширок спектар на предмети.
– Со примена на овој институт можеме да постигнеме многу во борбата со организираниот криминал бидејќи со тоа се скратува времето на постапките и се растоварува судот – изјави Хаџи Василева.
Таа се осврна и на важноста од зајакнување на финансиските истраги, кои, како што рече, треба да одат паралелно со криминалистичките, со цел успешна конфискација на незаконски стекнатиот имот.
Како шеф на ОЈО ГОКК, доколку биде избрана, најави дека ќе се залага за навремено и целисходно планирање на средствата, а дигитализацијата, која е процес што веќе почнува во Обвинителството, според неа значително ќе влијае на квалитетот на работата и ќе ја зголеми интероперабилноста меѓу институциите.
– Вештачката интелигенција може и веќе треба да се користи како алатка за олеснување на секојдневната работа – од претворање говор во текст и превод на документи сè до обработка на податоци, кои досега се работеле „пеш“ – изјави Хаџи Василева.
Таа вели дека отвореноста кон медиумите и јавноста не смее да биде на штета на самостојноста на обвинителите, но верува дека транспарентноста и редовното информирање ќе донесат поголема поддршка и зајакнат имиџ на институцијата.
На прашање од државниот јавен обвинител Ненад Савески за тоа како би постапила доколку некој од обвинителите затајува во работата, Хаџи Василева одговори дека секогаш претпочита конструктивен и човечки пристап пред санкции.
– Секогаш сакам да пристапувам конструктивно во насока на решавање на некои состојби отколку веднаш да се пристапува кон потврди решенија, односно казнување. Доколку некој колега затајува во работата, ние сме колеги и, пред сѐ, треба да се обидеме човечки. Веројатно би го повикала и би го прашала на што се должи тоа – можеби е некоја моментна состојба, а можеби има и приватни аспекти или други причини. Убедена сум дека преку таков пристап може многу повеќе да се постигне отколку со конфронтација, која само одзема енергија и кај оној што менаџира и кај колегата. На крајот на краиштата, наша обврска како колеги е да си помогнеме и да ги надминуваме состојбите во тој дух – истакна таа.
Хаџи Василева на крајот од излагањето упати порака дека може целосно да одговори на предизвиците што ги носи оваа позиција, а дека заедно може да изградат уште посилна и поуспешна јавнообвинителска организација.
октомври 13, 2026


