Вести
ДЗР: „Мој Термин“ без континуирано одржување речиси 38 отсто од времето, со сериозни ризици за управувањето и безбедноста
Од 1 јануари 2021 година до 30 април годинава, системот „Мој Термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9 отсто од анализираниот период. Договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, без обезбедување на континуитет. Во истиот период, за одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи кај ЈЗУ се вложени 333,3 милиони денари (5,42 милиони евра), при што само девет отсто од средствата се однесуваат на националниот здравствен информатички систем, а 91 отсто на други системи во јавното здравство.
Ова се наведува во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија од извршената ревизија на информациски системи на тема „Мој Термин – оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствената заштита”. Со анализата, како што се посочува, не се опфатени трошоците за апликативните софтвери и нивното одржување што ги користат матичните лекари и приватните здравствени установи. Утврдено е дека 48 отсто од вкупните вложувања кај ЈЗУ кои користат други информациски системи се концентрирани кај три софтверски компании, што упатува на зголемен ризик од концентрација и ограничена конкуренција.
Во отсуство на изработена функционална анализа за потребите од кадар во Управата за електронско здравство, пополнети се само 29 отсто од предвидениот број на вработени. Дел од потребите за вработени се покриваат преку договори по дело, кои се склучуваат на годишно ниво. Во делот на институционалното управување, со ревизијата е утврдено дека Управата за електронско здравство, иако е надлежна за развој и надградба на интегрираниот здравствен информатички систем, нема ингеренции за спроведување јавни набавки поврзани со „Мој Термин“. Исто така, поимот „Мој Термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот. Ова значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој Термин“, стои во извештајот.
Централниот систем за електронска евиденција на работното време и националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење во јавните здравствени установи, како што се наведува, не се воспоставени, додека системот за евиденција на медицинската опрема, поради нецелосни податоци, не овозможува медицинските апарати да бидат искористени во целост и со нивниот целосен капацитет, а отсуството на функционални национални системи е поврзано со недостиг на здравствени работници.
Управата за електронско здравство и Министерството за здравство немаат воспоставено стандарди за сертификација и одобрување на софтверски решенија кои се користат во јавното здравство, ниту механизми за валидација и контрола на внесените податоци. Преку посета на лице место, утврдено е отсуството на листите на закажани прегледи кај одредени јавни здравствени установи. Ваквите постапки овозможуваат ризик лица без закажани термини за преглед, користејќи ги приоритетните упати без термин и итните упати, да бидат услужени пред пациентите кои имаат уредно закажани термини и за кои чекаат подолг временски период.
Спроведена е и анализа на користење на системот за СМС нотификација за закажан, односно откажан термин. Врз основа на анализата на податоците од СМС системот на Мој Термин и анализата на реализирани упати, само во Градската општа болница „8 Септември“ – Скопје, во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април годинава, утврдено е дека бројот на доставени СМС пораки за потсетување на закажан термин е драстично помал од вкупниот број на реализирани упати односно претставува само 10,1 отсто.
Направена е и анализа на јавно достапните податоци за реализираните хируршки зафати (операции), достапни на интернет страницата на Министерството за здравство во периодот од 2021 до 2025 година. Од анализата произлегува дека од страна на ГОБ „8 Септември“ во системот „Мој Термин“ не се евидентираат хируршки интервенции, иако е една од најоптоварените болници во државата. Иако е промовирана функцијата за транспарентност на листите за чекање за оперативни зафати, таа не ја одразува реалната состојба, поради недостиг на клучни податоци поврзани со датум на упатот и вкупниот број на закажани операции од страна на лекарот. Контролите на Министерството за здравство во ЈЗУ не се спроведувале континуирано.
Во 2023 година биле планирани 62 контроли, од кои биле реализирани 24, односно 38,7 отсто, додека во 2024, 2025 и 2026 година не биле донесени годишни планови, ниту биле спроведени контроли. Утврдено е дека економскиот оператор кој го одржува Националниот систем за електронски евиденции во здравството во 2024 година го регистрирал поимот „Мој Термин“ во Државниот завод за индустриска сопственост. Во ист период почната е и постапката за регистрација на логото на „Мој Термин“ и може да се забележи дека се многу слични со оригиналното лого на системот.
Посебни слабости се утврдени во областа на ИТ безбедноста и заштитата на личните податоци. Ревизијата утврди дека не се имплементирани процедури и контролни механизми за управување со корисничките пристапи, следење на активностите во системот и заштита на чувствителните податоци.
Исто така, потребно е унапредување на ИТ инфраструктурата во јавното здравство и обезбедување на услови за континуитет и стабилност во функционирањето на системите, вклучително и воспоставување соодветни решенија за резервна копија, автоматска замена и обновување на системите во случај на прекин или нарушување на функционирањето.
Паралелно со овој Националниот систем за електронски евиденции во здравството, во употреба се и повеќе приватни дигитални платформи и портали: „моЕ-здравје“, „Мој лекар“ и „мои доктори“. Преку овие веб апликации и портали се овозможува пристап до медицински податоци од одредени приватни здравствени установи, комуникација меѓу пациенти и лекари и дополнителни здравствени услуги надвор од националниот систем. Дел од овие портали користат слични имиња и концепти како официјалниот државен систем „Мое здравје“, што може да предизвика забуна кај населението и пациентите во однос на тоа кој систем е официјален, како и во однос на нивната доверливост.
Порталот „моЕ-здравје“ наведува дека партнери на овој портал се и: Мој Термин, Фондот за здравствено осигурување и Здружението на приватни лекари. Утврдено е дека не се донесени ажурни политики и процедури за пристап до медицинските и личните податоци, а при тоа не се ажурирани и изјавите за доверливост и не се назначени офицери за заштита на лични податоци. Овие состојби создаваат висок ризик од неовластен пристап и злоупотреба, што е потврдено и од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци. За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки со цел надлежните
институции да преземат мерки и активности за унапредување на управувањето со системот, обезбедување на континуирано одржување, зајакнување на ИТ- безбедноста и заштитата на личните податоци, како и воспоставување на интегрирани и ефикасни контролни механизми, со цел подобрување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на здравствените услуги, стои во извештајот.

