Connect with us

Скопје

Камениот мост блесна во ново светло – нов ноќен лик на симболот на Скопје

Камениот мост во центарот на Скопје блесна со ново ноќно осветление добивајќи целосно поинаков изглед во вечерните часови.

Групата „Стари скопјани“ на „Фејсбук“ објави фотографии од новото осветление на Камениот мост во Скопје.

Еден од најпрепознатливите симболи на главниот град сега е осветлен на начин што ги истакнува неговите камени сводови, архитектонските детали и историската вредност. Новото осветление го нагласува препознатливиот лик на мостот и му дава нов визуелен печат на центарот на Скопје.

Проектот претходно го најави градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој информира дека се реализира во соработка со општина Есенлер од Република Турција.

Од Град Скопје при најавувањето на проектот тогаш посочија дека осветлението на Камениот мост со години било во лоша состојба. На одредени делови, според нив, останале само каблите од украдените светилки поради што еден од главните градски симболи во вечерните часови бил недоволно осветлен.

Камениот мост претставува една од најзначајните и најфреквентни пешачки врски во централното градско подрачје поврзувајќи ги плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија.