Connect with us

Вести

Левица се приклучи кон „Разговори за иднината 12:05“ која бара оставка од Филипче

Левица се приклучува кон трибината „Разговори за иднината во 12:05“. Претставници на партијата денеска на состанок заедно со учесниците во Платформата 12:05 разговараа за тоа каде е Македонија триесет и пет години по независноста.

Претставниците на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка, а поранешна министерка, Славјанка Петровска претходно најавија дека почнувајќи од следната недела, пред лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ќе биде претставен план за консолидација на најголемата опозициска партија и за окрупнување на опозицискиот фронт во кој еден од условите ќе биде и негово повлекување од лидерската позиција. Доколку Филипче не го прифати ова, тогаш ќе следуваат други решенија.

Ивановски денеска изјави дека тие и Левица имаат разлики, но она во што се согласуваат е создавање на реален, вистински одржлив опозициски фронт.

-Ние со Левица имаме разлики и тоа воопшто не е спорно, но она за што немаме разлики е тоа што сакаме да креираме реален, вистински одржлив опозициски фронт којшто ќе има заедничка задача, а тоа е да ја порази оваа влада, оваа власт којашто генерира погрешни и лоши политики и едноставно да го артикулира опозициското сè повеќе растечко расположение во државата – истакна Ивановски.

Тврдењата на Платформата дека нивната поддршка помеѓу членството на СДСМ, но и граѓаните секојдневно расте, за Ивановски е уште еден доказ дека на партијата час поскоро ѝ се потребни структурни промени, кои ќе ги иницираат следната недела по средбата со Филипче.

-Нашиот план за отворање, консолидација, стабилизација и структурни промени во СДСМ ќе му го доставиме. Од него зависи колку побрзо ќе се започне овој процес на вистински промени во СДСМ, за да СДСМ за следните избори со опозицискиот фронт биде во кондиција да ја порази оваа власт. Ние ќе ги искористиме сите механизми. Знаете, многу е прецизна Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ. Членството е на наша страна во огромно мнозинство. Тие се фракција и во таа смисла мора да се најдат решенија – рече Ивановски.

Пратеникот од Левица Амар Мециновиќ изјави дека тие се парламентарна партија со јасни позиции и сопствен политички легитимитет, поради што има обврска да разговара со различни опозициски елементи за потенцијално мобилизирање на одговор против актуелната власт.

-Сметаме дека како опозициска партија имаме одговорност и за нас како Левица времето е созреано да разговараме со различни опозициски елементи во општеството и да видиме дали може да се изгради заеднички јазик околу прашањата што денес се суштински за државата, сметајќи дека сега е време да се направи рез – посочи Мециновиќ.

Тој истакна дека разговорите за иднината на државата не можат да се сведат само на изминатите 35 години, туку мора да се отвори прашањето каква држава ќе имаат следните генерации.

-Фокусот на денешната трибина е што ни се случувало во изминатите 35 години. Но, како претставници на една нова политичка генерација, нас нè интересираат и наредните 35 години. Сметаме дека во оваа држава имаме за што да живееме и имаме за што да се бориме. Нашите животи треба да продолжат овде, како и животите на поколенијата што доаѓаат по нас. Во моментот кога сите ние заедно како општество ќе одлучиме дека следните 35 години мора да бидат поинакви, тогаш може да започне и нивното поинакво градење. Македонија е уништувана ден по ден и затоа ден по ден мора повторно да се гради – порача Мециновиќ.

На прашањето дали Левица очекува реакции од СДСМ поради присуството на трибината, Мециновиќ одговори дека СДСМ претставува колосално разочарување за македонските граѓани во изминатите три децении.

-Триесет години се претставува како антипод на ДПМНЕ, но јасно е дека неказнивоста помеѓу ДПМНЕ и СДСМ е единственото универзално правило кое го имаме во Македонија. Во Македонија не функционира ништо како што треба да функционира, единственото нешто што функционира е повторно и повторно да имаме неказнивост помеѓу раководствата на ДПМНЕ и СДСМ. Ние како Левица имаме одговорност пред граѓаните, а не пред СДСМ – порача Мециновиќ.

Од Плаформата појаснуваат дека „Разговори за иднината во 12:05“ како демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата денеска ја одржала втората сесија посветена на јубилејот од етаблирањето на независна и суверена Македонија со наслов „35 години потоа…“.

-На втората сесија ги задржавме истите принципи. Поканетите учесници припаѓаат на три неформални групи на општествени чинители. Едната група се влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, другата група се гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и третата група се истакнати припадници на различни генерации на СДСМ. Разговорите #2 исто така се одвиваа согласно традиционалното демократско начело „Chatham house rules“ – соопштија од Платформата.

Учесниците на денешните разговори донеле неколку заклучоци меѓу кои дека во 35 години во општествено политичка смисла има повеќе ненаучени лекции отколку суштински системски прогрес, како и дека за меѓународното етаблирање на Македонија биле направени болни компромиси кои предизвикаа долгорочна поделба на македонското национално ткиво, што веќе со децении ги обременува процесите на неопходни внатрешни реформи кои ги надминуваат мандатите на една или друга политичка Влада.

Заклучоците се однесуваат и на демографското стареење на државата, на забелешки за Владата на ВМРО-ДПМНЕ, за неефикасноста на традиционалните партии, како и за потреба од промена на изборниот модел и тоа во прва фаза со воведување една изборна единица, а во втора фаза отворени листи, како и за воспоставување на правичен даночен систем.