Регион
Криминална организација во Грција преку фиктивни компании нанела шета на државата од над 13,3 милиони евра
Преку основање фиктивни компании и користење фиктивни фактури, криминална организација во Грција, најмалку од септември 2022 година вршела даночни измами на штета на државата што се проценува на над 13,3 милиони евра, при што уапсени се пет лица во поширокиот регион на Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека меѓу уапсените се и двајца раководни членови на криминална организација, а уште 18 лица се идентификувани и се вклучени во предметот.
Членовите основале компании за општа трговија, со фиктивни управители, потоа вршеле трговски трансакции со други компании, користејќи ги даночните броеви на фиктивните компании, со цел да не плаќаат ДДВ, а паралелно членовите на организацијата и нивни роднини и пријатели, биле осигурувани без плаќање на соодветните придонеси кон Фондот за социјално осигурување со што дополнително ѝ нанесувале штета на државата.
Криминалната организација, како што соопштија од полицијата, вршела набавки на производи од компании со седиште во држави членки на ЕУ, без ДДВ, а потоа производите биле пласирани на домашниот пазар преку фиктивните компании, додека за дистрибуцијата на производите биле издавани и користени даночни документи, фиктивни или вистински, со што даночната обврска се префрлала на имињата на фиктивните управители, а предвидените даночни обврски не биле уплаќани.
За да избегнат контроли од надлежните органи, постојано основале нови компании, додека пак за фиктивни управители, лицата добивале од 500 до 1.500 евра месечно или биле лица во состојба на социјална маргинализација.
септември 22, 2026
