Connect with us

Вести

Говеда, џукели, глупи сте, ништо не знаете, ќе ве запалам, им викала Претседателката на Кумановскиот суд на вработените

Претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски на денешната прес-конференција пред Основниот Суд Куманово, изјави дека вработените со години се соочуваат со, како што рече,  навреди, психички притисоци и вознемирување од страна на претседателката на судот Снежана Манев. Тој побара Судскиот совет да постапи по претставките поднесени од вработените. Деаноски пред вработените од Судот, за време на паузата изнесе примери за односот кон вработените, наведувајќи дека биле упатувани навреди и закани,  пред странки и граѓани. Тој рече дека станувало збор и за навреди врз верска и национална основа, кои биле констатирани од Судскиот совет во 2023.

– Ова не е од денес ниту од вчера. Вработените ваквите навреди ги трпат со години, но трпението веќе попушти, рече Деаноски.

Тој посочи и на намалувањето на бројот на вработени во судот, од околу 165 на 115 лица, на нерешени прашања поврзани со исплатата на додатоци и надоместоци на плата. За синдикатот, проблем е и самиот  објект по пожарот,  пукнатините и оштетувањата на кровот. Од УПОЗ кажаа дека до Судскиот совет и Министерството за правда биле доставени претставки од вработените, на последната  имало потписи од 75 вработени. При посетата на двајца претставници на Судскиот совет тие, како рече на прес-конференцијата, наместо да ги разгледуваат наводите, ги повикувале вработените поединечно за да потврдат дали потписите се нивни.

– Бараме Судскиот совет веднаш да постапи по претставките и да ги заштити вработените, рече Деаноски.

Тој најави дека доколку не се преземат мерки, вработените се подготвени за протести, а не го исклучи ии штрајкот.

На наводите од УПОЗ во писмена форма реагираше претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, која во соопштение до јавноста ги отфрла тврдењата за незаконско и недолично однесување кон вработените. Манев наведува дека протестот бил организиран од судскиот администратор, претседателот на синдикатот, службеник и  неколкумина вработени. Како што наведува во соопштението, поводот за протестот е дисциплинската постапка против судскиот администратор, за како пишува, неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи. Против решението, како што наведува Манев, е поднесена жалба до Советот за судска служба при Врховниот суд, по која сè уште нема одлука. Таа додава дека група вработени поднела и претставка до Судскиот совет, по која постапката е во тек.

Манев, која наведува дека е судија 21 година, а девет години претседателка на Основниот суд Куманово, ги отфрла и тврдењата дека работната атмосфера во судот е нарушена поради нејзиното однесување.

– Наводите дека работната атмосфера е нарушена од моја страна со незаконско и недолично постапување и однесување спрема вработените, дека процесот на работа бил нарушен од моја страна, што предизвикувало страв, немир и неизвесност што ќе се случи секој нареден ден, се потполно неточни и невистинити – наведува Манев.

Таа посочува дека судот со години се соочува со намалување на бројот на вработените поради пензионирања, заминување во странство и други причини, што според неа наметнало реорганизација и поголемо ангажирање на преостанатиот кадар. Манев тврди дека дел од вработените, особено оние поставени од судскиот администратор, одбивале зададени работни задачи и дека имало случаи на непланско користење годишни одмори, продолжени боледувања, неоправдани отсуства и изостанувања од работа. Како пример ја наведува писарницата, каде од тројца вработени, останал само еден вработен. Таа додава дека побарала дополнително ангажирање на вработени од други оддели. Манев го посочува и проблемот со средувањето на архивската граѓа. Претседателката на Судот вели дека по извршениот инспекциски надзор од Државниот архив биле дадени насоки и рокови за средување на архивата за периодот од 2000 до 2010 година, но, како што пишува организациски проблеми и користење годишни одмори, роковите морале да бидат пролонгирани. Манев додава  дека вработените ги имаат правата утврдени со Законот за судска служба и Законот за работни односи. Како што пишува од нив очекува целосна посветеност во извршувањето на работните задачи, функционалност на Судот.

Во меѓувреме, од УПОЗ велат дека работата на судот продолжува. Деаноски најави дека доколку надлежните институции не постапат по барањата на вработените.