Connect with us

Вести

Собранието се дигитализира, потпишан меморандум со ФИНКИ за примена на вештачката интелигенција

Меморандум за соработка за воведување и примена на вештачката интелигенција во процесите на Собранието денеска потпишаа македонското Собрание и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

За претседателот на Собранието, Африм Гаши, меморандумот е чекор напред кон помодерно, подигитализирано, поефикасно и потранспарентно Собрание. 

– Соработката и потпишувањето на Ммморандумот со ФИНКИ означува голем чекор за нас, пред сè, ова е чекор кон остварување на нашиот сон, на мојот сон и на Собранието кон дигитализирано Собрание. Наоѓаме начин да ги споиме капацитетите на Собранието и ФИНКИ во смисла да ги подобриме и науката и нашата институција – изјави Гаши по потпишувањето на меморандумот. 

Деканот на ФИНКИ, Петре Ламески, верува дека реализацијата на иницијативите што ги имаат двете институции ќе дадат додадена вредност за општеството.

– Собранието ќе добие квалитетен истражувачки кадар, кој ќе работи на реални проблеми, а нашите студенти ќе работат на реални проблеми во Собранието со реални податоци и со нивната обработка и самите ќе учат и ќе создаваат нешто вредно со кое во иднина ќе се гордеат – изјави Ламески.