Connect with us

Вести

Мицкоски на отворањето на Генералното собрание на ОН: Со гордост ја претставуваме Македонија на местото на кое се носат важни одлуки

Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска присуствуваа на отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации, со која претседаваше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Премиерот Мицкоски на „Фејсбук“ објави дека со гордост ја претставуваат Македонија на местото на кое се носат важни одлуки за светот. 

– Денеска, бевме дел од отворање на Генералното собрание на Обединетите нации. Настан што ги обединува претставниците на државите од целиот свет и претставува важна платформа за разговори за глобалните предизвици, мирот, безбедноста и иднината на меѓународната соработка. Со гордост ја претставуваме Македонија на местото на кое се носат важни одлуки за светот и каде што се градат партнерства засновани на почит, дијалог и заеднички интереси. Момент на важни разговори и размена на ставови за прашања од глобално значење, во рамки на највисоката меѓународна платформа за дијалог и соработка – наведува Мицкоски во објавата.

Предвидено е, Мицкоски, кој со владина делегација престојува во посета на САД, да има обраќање пред Генералното собрание на ОН.

Генералната дебата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН ќе трае од денеска до 28 септември, а светските лидери ќе дискутираат за глобалните предизвици и приоритети на темата „Обнова на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што им служат на сите“.

Речиси 130 шефови на држави и влади лично ќе присуствуваат во седиштето на светската организација во Њујорк за да ја испратат својата порака до светот.