Свет
Трамп: Иран не исплаќа дел од воениот персонал и убива демонстранти
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги обвини властите во Иран дека не исплаќаат голем дел од припадниците на армијата, додека истовремено, како што наведе, „убиваат демонстранти дури и кога не учествуваат во протестите“.
-Пропаднатата Исламска Република Иран не плаќа големи делови од својата војска, додека истовремено убива демонстранти, дури и кога тие не протестираат, во размери какви што претходно не се видени, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“.
Тој ситуацијата во Иран ја опиша како „хуманитарна криза од епски размери“ и порача дека таа „мора да биде запрена, веднаш“.
Трамп вчера изјави дека „Иран доживува целосен колапс“ и го најави почетокот на „економска војна и изолација“ против Иран.
Администрацијата на американскиот претседател соопшти дека ги проширува секундарните санкции кои може да ги воведе за компании и земји ширум светот поради одржување деловни врски со Иран.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент ги претстави мерките кои ги опиша како „економски Д-ден“, со што Вашингтон испраќа последно предупредување до земјите да ги прекинат деловните врски со Иран или да ризикуваат нивните клучни компании и институции да бидат исклучени од финансискиот систем заснован на доларот.
август 25, 2026
