Connect with us

Вести

ФЗО: Од утре лекот Myfortic без доплата – завршени се сите постапки за пациентите со трансплантирани органи

Пациентите со трансплантирани органи од утре ќе можат да го подигнуваат лекот Myfortic (mycophenolic acid) од 180 мг. и 360 мг. без доплата од договорните аптеки на Фондот за здравствено осигурување.

Од Фондот соопштија дека тоа што го најавиле како решение за заштита на оваа специфична категорија пациенти, сега е целосно реализирано, завршени се сите потребни постапки, Управниот одбор ја дал потребната согласност, направени се измените во Шифрарникот на лекови, а договорните аптеки се известени за новиот начин на издавање.

Со тоа, од утре пациентите повеќе нема да доплаќаат 615 денари за Myfortic од 180 мг. и 1.439 денари за Myfortic од 360 мг. Станува збор за терапија од особено значење за пациентите со трансплантирани органи, која се користи долгорочно и за која континуираната достапност е од исклучителна важност, информираат од Фондот и наведуваат дека реагирале откако биле известени дека алтернативните лекови без доплата во моментот не се достапни на домашниот пазар поради производно-технички причини.

Наместо финансискиот товар од таквата состојба да падне врз пациентите, беше обезбедено решение со кое достапниот оригинаторен лек Myfortic се обезбедува без доплата. По иницијатива на директорот на Фондот, м-р Златко Перински, ова прашање беше поставено меѓу приоритетите, а во координација со Министерството за здравство и стручните служби на Фондот, решението е спроведено во целост и веќе може да се применува во аптеките. Придобивката е двојна – пациентите добиваат континуирана терапија без дополнителен трошок, а истовремено се зачувува ефектот од претходно постигнатото намалување на цената на лекот. Цената на Myfortic од 180 мг. е намалена за 291 денар, а на Myfortic од 360 мг. за 2.012 денари. Благодарение на намалените цени, проектираната заштеда за Фондот само за втората половина од годинава изнесува околу еден милион денари, потенцираат од Фондот.

Ова, како што информираат, е конкретен пример како рационалното управување со средствата од здравствениот буџет може истовремено да донесе поголема заштита за пациентите: терапија без доплата за осигурениците и понизок трошок за Фондот, и додаваат дека ќе продолжат да ги следат состојбите на пазарот и да реагираат таму каде што е потребно, со цел придобивките од Позитивната листа и конкуренцијата меѓу лековите да стигнат таму каде што се најважни – директно до пациентите.