Вести
Вкупно 43 случаи на западнонилска треска, во Скопскиот Регион 34 ризични подрачја
Вкупно 43 случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија, а регистрирани се и први случаи во општините Центар и Чаир. Во Скопскиот Регион има 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични. Досега се починати четири лица.
– Почна контролата на птиците, имаме прва лоцирана пцовисана птица со потврдена западнонилска треска – гавран во централното подрачје на Скопје, блиску до Вардар. Треба да им се заблагодарам на граѓаните на Скопје бидејќи има голем број дојави за пцовисани птици, кои се собираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и помагаат да се прави натамошното лоцирање на ризикот од западнонилска треска. Она што денеска го правевме со градоначалниците е надградба на претходните активности на Град Скопје, кои се тековни и се одвиваат, а тоа е во лоцирање високоризични и ризични зони за вирусот на западнонилска треска. Еден-два километри е радиусот на движење на комарците. Целта на состанокот е да ги лоцираме овие подрачја – истакна на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клекоски, кој денеска се сретна со градоначалници од Скопскиот Регион, како и од Скопскиот Плански Регион, претставници на Град Скопје и Институтот за јавно здравје.
Посочи дека првото ларвицидно прскање во град Скопје е на 7 мај. Во врска со критериумите за ризичност рече дека во основа се два: застојаност на водата и високо ниво на органска материја.
– Река која е проточна, која има риби, сама по себе не е ризик, бидејќи штом водата е проточна, ризикот од ларви во неа е помал, а ако има жив свет, риби, значи нема многу органски материи, распадни материи, а и рибите се хранат со ларви. Значи, треба да е застоена и да има отпад во таа вода. Примерите на високоризични се, генерално, каналите за наводнување во Скопско Поле, ископи или мртви делови од ископи од песок, кои се наполнети со вода, или мртви делови од реките. Некои од нив се: Серава, која е дел од проблемот во Арачиново и Бутел; каналите во Јурумлери, Стајковци, Сингелиќ во Гази Баба; главниот канал на Водостопанството „Скопско Поле“; каналите во Драчево; каналите во Батинци, Студеничани. Висок ризик се септичките јами. Улиците и населените места со голем број септички јами влегуваат во висок ризик, гробиштата поради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив и отпадите за стари гуми или, генерално, старите гуми. Старите гуми и отпадите за стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците – рече Клековски.
Исто така, појасни, ризик се и расипани хидранти, саксии со цвеќе надвор што се чуваат, стари буриња со дождовница итн., односно ризикот е застоена вода.
– Едно од прашањата што беше разгледано е дали е ризик наводнувањето на парковите. Прскањето на парковите, ако тоа правилно се работи, не е ризик. Меѓутоа, ако се остави цревото и се поплави подрачјето, мократа земја секако може да биде ризик. Скршените јавни чешми исто така претставуваат одреден ризик. Некои од овие високоризични зони веќе се обработени и се третираат. Драчево и каналите во Гази Баба веќе беа третирани. Во тек се третмани и на други подрачја. Сите општини добија задача теренски да ја проверат состојбата. На пример, езерото Треска – рекреативното езеро Треска, ако нема вода, не е ризик, меѓутоа ако има формирано лагуни, е ризик, така што Општина Сарај презема обврска да ја провери актуелната состојба на терен – рече Клековски.
Потенцира како се додаваат високоризичните места, а тоа ќе се прави со геомапирање, ќе организираме прскање на тие места, а бидејќи Центарот за јавно здравје е одговорен за најголем дел од подрачјето на град Скопје за земјеното прскање и е со ограничен капацитет, денеска се сретнале со претставници на здружението „Пест контрол“, кои ставаат на располагање 12 возила и пет дрона за земјено прскање како општествена одговорност од нивна страна.
Завршува првиот круг на информирање преку СМС, посочи министерот, и додаде дека во комуникација со Центарот за јавно здравје ќе се одлучи дали ќе се прошири зоната на информирање земајќи ги предвид новите случаи во Центар и Чаир.
– Западнонилската треска точно дека потекнува од Африка, меѓутоа во моментот е распространета надвор од Африка: во Европа, Северна Америка, Јужна Америка. Значи, вирусот одамна го напуштил своето природно живеалиште. Значи, вирусот не доаѓа од Африка да ги погоди само медитеранските земји, тој е широко распространет. Втората работа е дека епидемиите, и тоа епидемиологот на минатата прес-конференција го говореше, немаат правила. Албанија минатата година имаше над 100 случаи, оваа година има три случаи. Во Италија во последните 10 години има години со 50 случаи, има и години со 750 случаи. Сигурен сум дека во Ломбардија, во Милано и во Венеција прскале секоја година на истиот начин – наглси Клековски.
Николина Соколовска од Центарот за јавно здравје во однос на прашањето кога се почна дезинсекцијата од земја, која ја спроведува Центарот за јавно здравје, рече дека почнала веднаш штом се завршиле административните работи во однос на тендерската постапка.
– Значи, за тоа дали тендерската постапка Градот што ја спроведува ќе помине од прва или ќе има повторно преобјавување, па повторно, тоа зависи и од административниот ек. Но никогаш не се чекало да се склучи договор или да се добие тендерската постапка, а да не се изврши. Оваа година почна тоа во почетокот на јуни, и ларвицидна и од земја, меѓутоа Градот, бидејќи полесно од прва помина авионската дезинсекција, веќе има спроведено претходно дезинсекција – рече Соколовска.
Таа смета дека и ларвицидната и адултицидната треба порано да се почнува и да се опфати многу поголема површина.
Oдговарајќи на новинарско прашање, Клековски рече дека Грција ја препорачува употребата на Bacillus thuringiensis, кој таргетира само ларви на комарци, не таргетира ниеден друг инсект.
– Сега можеме да правиме прскање на застоените води. Значи, тоа е почнато. Каналите во Гази Баба, тие се за одводнување, се веќе испрскани. Каналите во Драчево се испрскани. Ги лоцираме и другите места и во зависност од ризичноста, значи од највисок ризик кон понизок ризик, ќе бидат прскани. Во моментот се споредуваат и сателитските снимки за да се види дали има некаква промена бидејќи некои од тие места пресушуваат во овие месеци, други не пресушуваат, така што се контролира и тоа – додаде Клековски
август 22, 2026
