Connect with us

Општини

Јован Костадинов од Виница меѓу 16-те годинашни добитници на наградата „Младинска храброст 2026“

Дваесетгодишниот Јован Костадинов од Виница, кој спаси 21 живот во трагичниот пожар во дисоктеката „Пулс“ во Кочани во март 2025, ризикувајќи го својот живот, е меѓу 16-те добитници на годинашната награда „Младинска храброст 2026“ (Young Courage Award).

Академијата „Раул Валенберг“, во соработка со Шведскиот институт и амбасадите на Шведска,  им ја доделува наградата на млади од 13 до 20 години, кои со своите дела поттикнуваат позитивни промени во светот.

Наградата е именувана по Раул Валенберг – познат по својата храброст и дела за време на Втората светска војна. Востановена е во 2015 со цел да покаже дека и младите може да бидат пример за другите и да придонесуваат за похуман свет – и на локално и на глобално ниво.

-Наградата им оддава признание на млади кои и покрај ограничените ресурси, дејствувале во духот на Раул Валенберг, покажувајќи исклучителна храброст и извонредна иницијатива. Годинава наградата достигна до повеќе земји од кога било досега, наведува Амбасадата на Шведска во Скопје. 

Добитниците биле избрани од номинации што ги поднеле граѓани, училишта и амбасади од 15 земји: Австралија, Канада, Грција, Унгарија, Монако, Црна Гора, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Србија, Шведска, Танзанија, Уганда и САД.

Шеснаесеттемина добитници се поканети во Стокхолм да ги примат признанијата „Младинска храброст“ на официјална церемонија на Денот на Раул Валенберг идниот четврток (27 август), кога ќе биде доделена и наградата „Раул Валенберг“.

Шведската амбасада во Скопје информира дека за време на престојот во Шведска, од 25 до 28 август, добитниците ќе учествуваат и во едукативната програма „По стапките на Раул“ (In Raoul’s Footsteps) во Стокхолм. Програмата опфаќа низа активности, меѓу кои и средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Марија Малмер Стенергард.

Генералната секретарка на Академијата „Раул Валенберг“, Ана Уромби, истакнува дека „во време кога улогата на младите во обликувањето на општеството премногу често се потценува, поважно од кога било е да ги препознаеме оние кои создаваат позитивни промени во своите заедници и пошироко преку храброст, морални убедувања и конкретна акција“.

-Овогодишните добитници покажуваат како младите можат да ги претворат вредностите во дела и вистински да придонесат за подобар живот на другите, во духот на Раул Валенберг, вели Уромби. 

Според Мадлен Шестед, генерален директор на Шведскиот институт, фактот што наградата денес достигнува до повеќе земји од кога било „претставува јасен доказ дека посветеноста на младите кон човековите права и демократските вредности е глобална сила“.

-Со својата ангажираност, добитниците на наградата „Младинска храброст“ покажуваат дека тие не се само иднината, туку веќе денес се клучни двигатели на позитивните промени, изјави Шестед. 

Покрај нашиот Јован Костадинов, наградата „Младинска храброст 2026“ ќе им биде доделена и на младите: Хадија Фатима од Австралија, Камден Скрајб од Канада, Димитриос Орфанидис од Грција, Јоана Линек од Унгарија, Тануж Сондхи од Монако, Кристина Радуновиќ од Црна Гора, Нејт Вилборн од Нов Зеланд, Адхамџон Јанобидинов од Норвешка, Матеуш Доброволски од Полска, Угљеша Сурдучки од Србија, Матилда Јонсон и Заид Ал Хусен од Шведска, Заинаб Камис Рашид од Танзанија, Дон Мусииме Атухаире од Уганда и Сол Рејес од Соединетите Американски Држави.