Политика
Филипче бара оставка од министерот за здравство поради пожарите

Секогаш кога премиерот ќе се најде во ситуација да не може да изменаџира и не може да најде решение за проблемот се некој друг му е крив, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче во врска со пожарите на депониите во скопскиот регион и начинот на кој Владата ја менаџира целата ситуација.
-Во изминатите 15 месеци прво имаше следење од дронови, имаше обиди за дестибилизација, па натаму хибридни напади и еве сега нешто се случува организирано од разни странски центри на моќта. Мислам дека досега ниту еден премиер не се осмeлил вака да ја злоупотребува ситуацијата во однос на безбедносната сфера, ниту пак да ги злоупотребува безбедносните инструменти во земјата. Од оваа Влада не видовме ниту едно решение, на ниту еден проблем, вели Филипче.
Тој додаде дека доколку е така како што кажува премиерот за актуелната состојба со пожарите на депониите и дека ако сме навистина под напад, закана, некој хибридни напади, или некои странски центри на моќ, тогаш, според него, прво требало да заседава Советот за безбедност и на терен да излезе Армијата.
-Требаше на терен и во јавност да излезе министерот за одбрана. Требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата, требаше да се извести НАТО, како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува, се ова на коешто премиерот се вади е фактички една пиаровска драма, нема никаква акција да се решат проблемите и ова е навистина доказ за едно дилетанско водење на државата. Практично овој тим нема капацитет да ја води државата, какошто треба, изјави Филипче.
Прашан кои се неговите предлози и решенија, како лидер на опозицијата, Филипче одговори дека прво треба да се направи анализа што ВМРО – ДПМНЕ и коалиционите партнери ветувале на граѓаните пред четири години, потоа да се направи анализа на сите депонии, дали работат легално, имаат ли лиценци и дали сите имаат соодветна одалеченост од населени места и од каде се увезува отпад во земјата.
– И третата работа најкронкретно во однос на завчерашниот настан во Трубарево. Треба да си поднесе оставка министерот за здравство, ги излажа граѓаните дека воздухот не е загаден, како тој го докажа тоа. Треба одговорност и оставка да поднесе министерот за внатрешни работи. Најави дека треба да се евакуираат луѓето, а понатаму владниот портпарол рече дека никој не се јавил во Центарот за згрижување, којшто го ослободиле тука во непосредна близина. Значи немало соодветна евакуација, иако најавиле дека треба да има, вели Филипче.
Лидерот на СДСМ Филипче на денешната прес-конференција додаде дека треба да се направат детални анализи по големиот пожар во депонијата во скопско Трубарево, односно какошто рече, треба да се измери количината на диоксини, фурани, на јаглеводородни честички во воздух.
-Треба да се испитаат тешки метали во земјата – никел, кадниум, олово. Зошто е тоа битно? Поради тоа што е можно тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана и утре да е загадена земјата во близина, во полињата таму каде што растат прехранбени продукти. Треба да се испита и водата, сите изотопи коишто не се растворливи во вода ќе се детектираат и тоа час поскоро сметам дека треба да го направи некоја странска акредитирана лабараторија, изјави Филипче.
септември 16, 2025