Connect with us

Култура

Во Крива Паланка отворена изложбата „Прогон“ од Анета Стојчевска

Скулптури од академската уметници Анета Стојчевска од Крива Паланка, дел од нејзината самостојна изложба „Прогон“ се изложени во Локалната установа Градски музеј Крива Паланка во рамки на програмата „Кривопаланечко културно лето 2026“.

Делата што нудат едно поинакво уметничко доживување се достапни за јавноста, а како што истакнаа од музејот, станува збор за несекојдневна изложба што отвора прашања, буди емоции и остава силен впечаток. 

Уметницата Стојчевска порача дека „Прогон“ се состои од два визуелни дела кои се во контраст. 

-Внатре во галеријата, десет цртежи на човечки фигури се поставени во најлонска фолија претставени како документ – трага од нешто што се случило. Цртежите се организирани низ пет контрасти: мало – големо, темно – светло, стуткано- оптегнато, проѕирно – непроѕирно, издупчен цртеж – издупчена фолија. Најлонска фолија истовремено го означува ограничувањето на внатрешниот простор – фигурата е задржана, стегната и затворена во рамката на документот. Надвор, во дворот на галеријата, десет човечки фигури се претставени како физичко присуство, распоредени во пар, во група од три и група од пет фигури. Свртени со грб кон влезот, тие го напуштаат галерискиот простор и продолжуваат во надворешниот. Најблиските до влезот се речиси целосно прекриени со најлонски кеси, додека кај најоддалечените останува само трага од кесата околу стапалата. „Прогон“ така станува премин од ограничување кон ослободување – од затворената, документирана фигура во внатрешноста, кон телото што го напушта просторот и слободно се движи надвор, изјави Стојчевска.

Според неа, „Прогон“ е движење од внатре кон надвор, од документ кон тело, од присуство кон отсуство, од заштитениот простор кон непознатото.