Регион
Дигитален самит на Западен Балкан: Дигитализацијата, кибер безбедноста и вештачката интелигенција се во фокусот
Дигитализацијата, кибер безбедност и вештачката интелигенција се фокусот на овогодинешниот Дигитален самит на Западен Балкан, што денеска и утре во Херцег Нови ги собира претставниците на институциите, економијата и технолошкиот сектор со цел вмрежување и подобрување на регионалната соработка и дигиталната трансформација.
Заменик-генералната директорка на Генералниот директорат на Европската комисија за комуникациски мрежи, содржини и технологија, Ренате Николај, во своето обраќање на отворањето на самитот рече дека е важно да се искористи потенцијалот на вештачката интелигенција, а истовремено да се управува со ризиците и да се зајакне довербата во дигиталното опкружување, пренесе Бета.
Таа оцени дека темите на овогодинешниот самит се актуелни, имајќи ги предвид забрзаните технолошки промени и нивното сè поголемо влијание врз економијата и општеството.
Таа истакна дека Европската Унија спроведува конкретни активности со цел да стане лидер во развојот и примената на вештачката интелигенција, вклучително и подобрување на постојната дигитална инфраструктура, изградба на нови суперкомпјутери и развој на фабрики за вештачка интелигенција.
Николај потсети дека за време на минатогодишната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беа најавени две нови фабрики за вештачка интелигенција во регионот, во Северна Македонија и Србија, јави Бета.
„Ги следам подготвителните активности и ми е драго што знам дека наскоро ќе почнат да обезбедуваат услуги за заедницата на вештачка интелигенција“, изјави таа.
Николај ја истакна важноста на поврзувањето на земјите и економиите од регионот, наведувајќи дека Европската комисија, заедно со своите партнери, поддржува проекти за подобрување на дигиталната поврзаност во Западен Балкан и со Европската Унија.
Дигиталниот самит на Западен Балкан првпат се одржа во 2018 година како платформа за зајакнување на регионалната соработка и забрзување на дигиталната трансформација. Ги обединува претставниците на владите, економијата, технолошкиот сектор и меѓународните организации, со цел размена на знаење и искуство и развивање заеднички иницијативи во дигиталната област. Еден од најзначајните резултати од регионалната соработка во дигиталната област е договорот за укинување на трошоците за роаминг во Западен Балкан, потпишан во 2019 година, чија имплементација започна во 2021 година.
октомври 13, 2026

