Connect with us

Култура

„Сите сме исти. Јас и ти“: петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ ги обединува детските театри од Европа

„Сите сме исти. Јас и ти“ е слоганот на 5. интернационален фестивал на детските театри „Игор Маџиров“, што ќе се одржува од денеска до 17 октомври во Скопје во Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и во Драмскиот театар. Со овој фестивал Скопје повторно ќе биде центар на случувањата на македонските и европските театри во детско-младинската продукција во Европа.  

На фестивалот ќе гостуваат претстави од земјата, од Србија, Хрватска, Чешка и од Шпанија, а презентерите на работилниците ќе бидат со гости од Бугарија, Грција и од Босна и Херцеговина. На фестивалот учествуваат истакнати автори, режисери, актери, драмски писатели.

Фросина Карловицс, в.д. директорка на Театарот за деца и младинци – Скопје, на прес-конференција истакна дека петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ е значаен момент за Театарот за деца и младинци и за континуитетот на оваа меѓународна манифестација. 

– За нас, фестивалот е можност нашата публика да види разни театарски претстави, а нашите уметници и соработници да разменат искуства со колеги од другите средини. Нашата одговорност како домаќин е да обезбедиме услови за тие средби и да ја зачуваме врската помеѓу фестивалот и неговата најважна публика – децата и младите. Пораката „Сите сме исти. Јас и ти“ ја гледаме како покана за блискост и разбирање, но и за потсетување дека културата треба да биде достапна и отворена – посочи Карловицс.

Таа истакна дека фестивалот и оваа година се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. 

-Тоа покровителство е важно за нас, важна е таа поддршка за видливоста на самиот фестивал, како и неговото значење. Особено нѐ радува дека имаме силен интерес од публиката уште од првите најави. Тој интерес ни покажува колку се потребни вакви програми и колку публиката сака да се сретне со театар што е внимателно избран за нејзината возраст и сензибилитет-– нагласи таа.

Карловицс додаде дека и оваа година фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам во скромен износ од 600.000 денари. 

– Станува збор за скромна финансиска поддршка во однос на обемот на меѓународната програма што ја имаме, како и организациските потреби што ги имаме. Благодарни сме за поддршката, а истовремено сметаме дека континуираното вложување во Театарот за деца и младинци заслужува поголемо внимание – дополни в.д. директорката.  

​Селекторката на годинешната програма, Катерина Илиевска-Силјановска, посочи дека оваа година програмата е внимателно избрана бидејќи, како што рече, детската и младинската публика не се за потценување.

-​ Затоа, во процесот на селекција трагав по претстави што не ја потценуваат нашата публика, туку, напротив, ги поттикнуваат нивната чиста интелигенција и фантазијата. И во време на социјални медиуми и брзи спотови, брз начин на живеење, овие клипчиња што ги гледаат младите, ете сакавме да доближиме нешто што е блиску до нив, а сепак живата материја – театарот не може да се замени со тие брзи видеа и нивните интереси. Мислам, нивните интереси се знае дека се повеќе насочени кон социјалните медиуми, но сепак театарот е тука за да малку од малку им го промени тој начин на размислување –-рече таа.

Истакна дека сцената е местото каде што границите исчезнуваат, а различностите остануваат наше најголемо богатство и токму затоа го искористиле и слоганот „Сите сме исти. Јас и ти“.  

​​​Фестивалот, рече Илиевска-Силјановска, почнува со наша театарска претстава, која е лауреат, драмско-кукленатапретстава „Која е Лорет“, додавајќи дека нашите претстави нема да бидат во официјална конкуренција, туку се во Оф-програмата. 

-​ Наредниот ден веќе почнуваме со претставата „Пинокио“ од Народниот театар – Битола, ни гостуваат на нашиот фестивал. Претстава во која и таму има сегменти од различностите, начинот како да бидеш подобар, поубав… ​Во вториот фестивалски ден имаме и една презентација на УНИМА, која е асоцијација на куклените театри во светот. Бидејќи сме дел од куклената сцена, убаво е да се презентира тој модел на менаџирање и на соработка со кукларството на ниво на светот. Ќе имаме презентери од Бугарија и од Мостар, од Босна, кои ќе ни ја презентираат таа програма за УНИМА-фестивалот – додаде таа. 

​Илиевска-Силјановска додаде дека следува претстава од Крагуевац, Србија, „Стара планина“ која е куклено-визуелна претстава, без зборови.

– Следната претстава тој втор ден е „Со балон над Кападокија“, претстава што ни доаѓа од Осиек, Хрватска, исто така зборува за заробената душа и борбата да се ослободи таа душа. Третиот фестивалски ден имаме претстава, која се вика „Слатки зборови“, претстава за најмладите. Самото име ви кажува дека со користење некои одредени зборови се постигнува голема работа. Таа ни доаѓа од Риека, Хрватска.  

На третиот фестивалски ден ќе гостува и Матилда Коралес од Грција, која ќе говори за менаџирање интернационални театарски фестивали и исто така за креирање костими и на кукли – како куклите би требало да изгледаат, карактерот на куклата. 

– Во 19:.0 часот, тој ист трет фестивалски ден, имаме претстава „Лемба“, која ни доаѓа од Малага, Шпанија, театарот „Анхелес де трапо“. Исто така, тоа е поврзано со интернет, со борбата со социјалните медиуми, со употребата, злоупотребата и така натаму. ​Четвртиот фестивалски ден ја имаме претставата „Пилотот и малиот принц“ на Театарот од Острава од Чешка, куклена претстава. ​Во 13 часот, четвртиот фестивалски ден, имаме претстава од Скопје, од приватниот театар Театар за тебе, „Чуварот на последното дрво“, претстава што исто така зборува за екологијата – рече Илиевска-Силјановска.

Истиот ден во 19.30 часот игра Театарот за деца и младинци со претставата „Садако сака да живее“, претстава што е наменска за војната и за случувањата по војната во Јапонија, по паѓањето на бомбата во Хирошима. Тоа, посочи Илиевска-Силјановска, се детски претстави, но малку за поголеми деца над 11 години поради силните теми што ги обработуваат.

-​ И последниот фестивалски ден, 17 октомври утрото, имаме тема „Црвенкапа“, гостува Театарот од Нови Сад, Србија. И вечерта во 19.30 часот го затвораме фестивалот со претставата „Дрвјанковци“ или како што во оригинал ја нарекуваат Хрватите од Чаковец – Театарот од Чаковец, Хрватска – „Дрвљаци“, Театарот „Пинклец“ од Чаковец. Исто така, поврзана е со војна, по што ќе следува доделување на наградите – посочи Илиевска-Силјановска.  

Извршниот продуцент Миодраг Костиќ рече дека зад петте фестивалски дена стои навистина макотрпна работа од неколку месеци, со цел, посочи, на македонската публика да ѝ овозможиме театарска магија, која во овие пет фестивалски дена ќе има можност да ја гледаат.  

Билетите за претставите може да се купат во билетарницата на Театарот за деца и младинци – Скопје.

Ad
Ad