Connect with us

Живот

Научниците во Амазонија открија древна цивилизација која исчезнала пред 1.200 години

Амазонската дождовна прашума важи за една од најнепрекинатите природни области во светот, но според новите откритија, таа изгледала многу поинаку пред речиси две илјади години, објави „Сајенс-алерт“ (ScienceAlert).

Цивилизацијата Аквири, која постоела од околу 600 година пр.н.е. до 850 г. н.е., преобразила голем дел од југозападен Амазон, со своите населби и градењето загадочни земјени структури. Наодите првично објавени во списанието „Нејчр“ (Nature), посочуваат дека истражувањето со употреба на ласерска „ЛИДАР“ технологија открило околу 30.000 такви ископини. Се верува дека овој древен народ бил на врвот на својата моќ околу 200 г. н.е. и можеби броеле до три милиони луѓе. За археоантропологот Марти Парсинен од Универзитетот на Хелсинки, Финска, ова откритие е пресвртница.

– Во 2002 година, првпат летавме над монументалните геометриски земјени структури со Алцеу Ранци и Сана Сауналуома. Набљудувавме древни патишта што ги поврзувале овие места во бразилската сојузна држава Акре, област што долго се сметаше за недопрена дождовна шума,  изјави Парсинен.

Според него, Аквири не било централизирано кралство, туку разновидна мрежа на заедници со меѓусебно поврзани традиции. Не оставиле пишани записи, а нивните живеалишта се одамна исчезнати. Она што останува се нивните монументални земјени структури.

– Ова се геометриски простори ограничени со ровови длабоки до неколку метри, поврзани со прави патишта. Се верува дека луѓето се собирале таму за обреди и политички настани. Овие структури, заедно со еколошкото наследство од нивното управување со земјиштето, се меѓу ретките видливи траги од народот Аквири. Опсегот на археолошките наоди посочува дека и други области во Амазонија можеби биле многу погусто населени и поинтензивно менувани отколку што се мислеше досега – вели Парсинен.

Научниците проценуваат дека цивилизацијата Аквири во својот врв можеби опфаќала површина од 183.000 квадратни километри. Оваа област би изгледала многу поинаку од дивата природа што ја знаеме денес и би била прошарана со населби каде што луѓето одгледувале храна и се собирале заради обреди и други секојдневни настани.

– Она што најмногу нè изненади беше исклучително големиот број земјени градби пронајдени во област којашто сочинува помалку од три отсто од пошироката Амазонија. Во својот врв, структурите што ги гледаме денес веројатно биле опкружени со големи дрвени живеалишта каде што живеело големо население, покрај полињата пченка, касава, тиква и памук. Веројатно имало и изобилство од овошни и јаткасти дрвја во блиските шуми за коишто луѓето се грижеле, а тоа го одразува повеќевековното човеково управување со тој пејзаж – нагласи Парсинен.

По исчезнувањето на цивилизацијата околу 850 г. н.е., прашумата покривала поголем дел од градбите. Трагите се појавиле со уништувањето на шумите, но „ЛИДАР“ им помогна на истражувачите да го реконструираат скриениот рељеф без дополнително да ја уништат прашумата. Така, истражувачите испитале 4.497 квадратни километри со прелетување над неа.