Connect with us

Свет

Иран: Противниците не можат да ги откријат локациите за производство на нашите ракети

Противниците на Иран не успеваат да утврдат каде земјата ги произведува своите ракети, и покрај тоа што ги користат сите расположливи разузнавачки средства – изјави денеска портпаролот на иранските вооружени сили, генерал Аболфазл Шекарчи.

Говорејќи за, како што ја нарече, „втората наметната војна“, Шекарчи рече дека противникот верувал оти ќе може да ја порази армијата на Исламската Република за една седмица, а веќе следната да го распарчи Иран.

Осврнувајќи се на анализите направени по операциите „Вистинско ветување 1“ и „Вистинско ветување 2“, како и по воените вежби „Егтедар“ („Моќ“), тој рече дека потоа бил проширен списокот на чувствителни цели на противникот.

Шекарчи изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, целосно ја подготвил земјата за третата наметната војна, вклучително и преку воспоставување механизам за негова замена и за замена на другите команданти во случај на нивна смрт.

– Американците против Иран го употребија целото оружје што го чуваа за Трета светска војна, но не успеаја да ги постигнат своите цели – изјави Шекарчи.

Тој додаде дека центарот за податоци, формиран пред повеќе од 20 години во Обединетите Арапски Емирати со поддршка на американски, европски и, како што рече, „ционистички“ претставници, бил наменет за контрола на регионот на Западна Азија и на делови од остатокот од светот.

– Дваесетгодишниот труд беше уништен во оваа војна – рече тој.

Според Шекарчи, противникот изгубил околу 14 главни стратешки и три помошни бази во регионот, односно вкупно 17 клучни објекти што претставуваат повеќе од пет децении инвестиции.

– И покрај сите средства за разузнавање што ги имаат, нашите непријатели се збунети и не знаат каде ги произведуваме нашите ракети, истакна Шекарчи.