Connect with us

Политика

Левица со кандидати за градоначалници во Струга, Тетово, Гостивар – пратеничката Мојсоска ќе трча за Струга

Со особена чест и одговорност најавуваме дека во општините Тетово, Гостивар и Струга, Левица е единствената  парламентарна партија од македонскиот политички блок која излегува со сопствени кандидати за градоначалници, наведува Левица во соопштение кое МИА го пренесува интегрално. 

Во Општина Струга, кандидат за градоначалник е актуелната пратеничка во Собранието на Република Македонија, Јована Мојсоска – дипломирана на Факултетот за безбедност и генерален секретар на Левица. Нејзиното искуство, политичка активност и лична посветеност се гаранција дека ќе го брани јавниот интерес и ќе понуди вистински решенија за проблемите со кои се соочува Струга.

Во Општина Тетово, кандидат е д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а денес вработена на Државниот универзитет во Тетово. Со своето академско знаење, долгогодишна професионална кариера и интегритет, таа ќе се залага за враќање на законитоста, правдата и вистинското владеење на правото во Тетово.

Во Општина Гостивар, кандидат за градоначалник е Дарко Грујоски, ИТ-специјалист и информатички оператор со завршени студии по компјутерски науки и технологии. Тој претставува новата генерација професионалци, подготвени со современи пристапи и технолошки решенија да ги подобрат јавните услуги и транспарентноста на локалната самоуправа.

Под силен притисок од коалициските договори со партијата ВЛЕН, ДПМНЕ донесе одлука да нема свои кандидати во овие општини. Ние ова го сметаме за невидено понижување и обезличување на македонскиот народ во западниот дел на државата. Со тоа, уште еднаш станува јасно дека за големите партии, интересот на граѓаните е подреден на партиските пазари и етничките пазарења кои водат кон федерализација!

Левица е таа што се спротивставува на ваквите политики! Нашите кандидати се луѓе со кредибилитет, знаење и професионални компетенции, личности кои ќе управуваат со општините на темел на идеологија и програма, а не врз основа на етнотрибализам, клиентелизам и корупција.

Затоа, на овие избори повикуваме на мобилизација на сите граѓани кои сакаат промени и кои сакаат во нивните општини да владеат вистински вредности.