Connect with us

Општини

Мицкоски од Велес: Со ребалансот ќе се обезбедат средства за поврзување на хидросистемот „Лисиче“ со езерото „Младост“

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека со ребаласност ќе се обезбедат средства за поврзување на хидросистемот „Лисиче“ со езерото „Младост“, како и дека ова лето попчнува и изградбата на подземна катна гаража.

– Би сакал да изразам задоволство за сите проекти што се во фаза на реализација и проекти што ќе се реализираат во периодот што следува. Во врска со цевководот што треба да го поврзе хидросистемот „Лисиче“ со езерото „Младост“, се направија напори со пренамена од Министерството за животна средина и мислам дека за тие неколку километри цевковод што недостигаат со ребалансот ќе бидат обезбедени средства и ќе може да се поврзат тие два системи, така што уште едно прашање ќе биде санирано, решено. Како што рече и градоначалникот, нешто што со децении е уништувано не можеме преку ноќ да го решиме, но како и да е, приоритет по приоритет ги завршуваме проектите и во таа насока ќе продолжиме и понатаму – рече Мицкоски при посетата на општина Велес.

Додаде дека исто така е важно да не се создаваат нови проблеми, кои во суштина би претставувале проблем за граѓаните на овој град.

Премиерот е задоволен од работата на велешкиот градоначалник истакнувајќи дека тоа тој работи мотивирано и фокусирано.

– Би сакал да им се заблагодарам и на советниците, на администрацијата во Советот, на пратениците од Велес, кои се борат за Велес да добие проект повеќе од централната власт. Така ќе продолжиме и понатаму со реализација на стратешките приоритети и во нашата оптика е Велес. Би сакал исто така да му се заблагодарам и на потпретседателот на Владата и министер за транспорт, како и на другите колеги, кои со својата работа реализираат проекти и ги реализираат оние приоритети што сме се обврзале пред граѓаните дека ќе ги реализираме – потенцира премиерот.

Тој им се заблагодари на велешани и за трпението, бидејќи, како што нагласи, за да се реализираат сите овие проекти, потребно е време.

– Еве, еден по еден полека ги реализираме и многу сум задоволен што, конечно, таканаречената подземна катна гаража во центарот на градот, со новиот плоштад, конечно ќе почне да се гради ова лето. Се надевам дека во текот на следната година ќе може да имаме функционална целина – рече Мицкоски додавајќи дека тоа било нивен приоритет уште од времето кога биле опозиција.

Вицепремиерот и министер за транспoрт Александар Николоски вели дека Владата преку АА-програмата и преку проект со Светската банка досега во Велес инвестирала или во моментот инвестира приближно 9 милиони евра.

– Ова е исклучително значајна сума во делот на инфраструктурата. Денеска гледаме почнување со работа на две улици, една е завршена. Драго ми е што преку проектот што го водиме со Светската банка веќе се завршени три проекти во вредност од половина милион евра – истакна Николоски во Велес.

Потсети дека неодамна била завршена и зградата во која ќе има социјални станови и најави оти во следниот период ќе продолжи соработката на Владата со градоначалникот, советниците и со пратениците за да има уште повеќе реализирани проекти во градот.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев, е задоволен од реализацијата на проектите во оваа општина и од подршката на Владата за реализација на проекти што со години биле ветувани, но не биле реализирани бидејќи за нив се потребни многу финансиски средства за кои Општината не може да ги реализира само со сопствени средства.

Рече дека интензивно се работи на улицата 11 Октомври за што подготовките биле претходно завршени. Се работи, рече, и на улицата Васил Главинов, која пред неколку дена била асфалтирана.

Ad
Ad