Connect with us

Вести

14 јули 1907 – епската Битка на Ножот и трагедијата на саможртвата на 67 комити

Битката на Ножот е една од најпознатите епизоди од македонската револуционерна епопеја во борбата против отоманската власт во почетокот на XX век. Битката се одиграла на 14 јули 1907 година на врвот Ножот на планината Бабуна кога речиси 45 револуционери биле опколени од неколкуилјадна османлиска војска. Откога тврдокорните одбиле да се предадат, следувала жестока неколкучасовна борба. Кога им снемало куршуми и сфатиле дека нема да може да се извлечат, преживеаните решиле да не паднат живи во рацете на противникот. Ги уништиле своите пушки, ги собрале преостанатите бомби на едно место и извршиле групна саможртва.

Овој чин останал запаметен како исклучителен пример на пожртвуваност и верност кон револуционерниот идеал. Битката на Ножот зазема значајно место во историската меморија на македонската нација и се споменува како симбол на храброста, саможртвата и непрегорот на македонските револуционери. 

– Битката на Ножот претставува најголемиот и најкрвав вооружен судир што го водел Четничкиот институт на Македонската револуционерна организација во периодот по Илинденското востание. Судирот се одиграл на 14 јули 1907 година на врвот Ножот во непосредна близина на прилепското село Ракле. Веста за битката, заедно со фотографиите од настанот, бргу се проширила во светот привлекувајќи големо внимание кон борбата на македонските револуционери. По Илинденското востание, активностите на бугарската, српската и на грчката вооружена пропаганда во Македонија значително се интензивираат. Како одговор на таквите околности, на Рилскиот конгрес, одржан во септември 1905 година, било донесено решение да се преземат поенергични мерки за спротивставување на овие влијанија – раскажува историчарот Михаил Патчев.

Во текот на мај 1907, четата предводена од Тане Николов се движела по должината на планината Бабуна, а веќе во јуни во истото подрачје пристигнала и 50-члената чета на Михаил Чеков, како и 30-члената костурска чета на Христо Цветков.

– Кон овие сили се приклучил и прилепскиот околиски војвода и член на Окружниот комитет, Петар Ацев. Подоцна им се придружила и четата на Иван Наумов, како и една прилепска реонска чета под водство на Мирче Најденов. Со тоа во областа биле собрани повеќе од 150 комити и речиси 150 припадници на селската полиција од околните населени места. Основната задача на Обединетата чета со Тане Николов на чело била да ги отстрани србоманските шпиони од селата во Бабуна и да ја ослаби, односно конечно да ја неутрализира српската пропаганда во тој крај – вели Патчев за МИА.

Во меѓувреме, просрпските структури во областа испратиле свои агенти во Битола, Прилеп, Воден, Лерин, Тиквеш и од Велес со цел да ги известат османлиските власти за движењето и присуството на македонските чети во селото Никодин. По 10 јули, турските воени сили биле распоредени во целиот регион, со што состојбата дополнително се заострила.

Во пресрет на судирите било одлучено главнината на силите да се подели на неколку помали чети, кои требало да заземат стратешки позиции околу селото Никодин. Едно одделение од 40-ина борци било распоредено непосредно над селото, а најголемата група, составена од 100-ина комити, зазела позиции на падините меѓу селата Никодин и Содржи.

Натаму, третата единица, составена од 45 борци, меѓу кои 30 припадници на Костурската чета предводена од Христо Цветков, како и комити од четите на Михаил Чеков и Мирче Најденов, се утврдила на месноста Ножот над селото. Во меѓувреме, две помали групи по осум комити, предводени од локалните војводи Секула Ораовдолски и Велко Попадиски, добиле задача да го обезбедуваат патниот правец меѓу Никодин и Владиловци, под планината Асенова Глава. Последната група, во која биле четите на Тане Николов и Петар Ацев, заедно со припадници на селската милиција, зазела позиции на височинката Попадиските Чукари.

На 13 јули војводите одржале совет, каде што се разгледувала натамошната стратегија. Иако Прилепскиот окружен комитет предложил четите да се повлечат, војводите не ја прифатиле таа одлука. Наместо повлекување, тие решиле да останат на своите позиции и да се подготват за отпор против турскиот аскер.

– Според сведочењето на комитата Крсте Јанчески, Тане Николов се наоѓал во подножјето на Ножот, каде што заедно со членовите на војводскиот совет, меѓу кои биле Михаил Чаков, Христо Цветков, Петар Ацев и други војводи, донел одлука да се избегне директен судир со турската војска. За таа цел биле испратени курири до 54-те четници, предводени од Атанас Попов од Шестово, кои веќе ја држеле позицијата на Ножот, со наредба да се повлечат. Сепак, тие ја одбиле наредбата истакнувајќи дека дошле да се борат и, доколку е потребно, достоинствено да го положат својот живот – додава историчарот.

Утрото на 14 јули турскиот аскер почнал офанзива кон врвот Ножот со намера да ги опколи комитите, а друга воена единица, која напредувала од источниот правец, отворила оган кон главната команда. Бранителите на Ножот веднаш возвратиле, а 18 комити се распоредиле на североисточните падини на врвот. Поради поставеноста на теренот, тие немале преглед врз случувањата на другите позиции, што им овозможило на турските сили постепено да го опкружат врвот.

– До пладневните часови на боиштето пристигнале дополнителни турски единици предводени од Енвер-бег. Една турска чета извршила силен напад врз групата од 18 комити на североисточните падини. Нападнати од повеќе страни и притиснати од аскерот што настапувал од исток, сите тие биле убиени, со што бил отворен патот за решавачки напад врз Ножот. Во завршната фаза од борбата четниците што останале на Ножот, според историските извори, употребиле седум бомби за да не паднат живи во рацете на непријателот. Во меѓувреме, четата на Асенова Глава ги одбила нападите што доаѓале од правецот на селото Смиловци по што се повлекла. Четите на Михаил Чеков и Велко Апостолов-Попадиски исто така се повлекле од Попадиската Река во правец на селото Подлес – продолжува Патчев.

Со настапувањето на ноќта комитските чети се повлекле од боиштето, а турските војници ја изгубиле нивната трага. Во деновите што следувале потоа аскерот пронашол неколкумина изгубени и ранети четници, кои биле убиени.

Во борбите животот го загубиле вкупно 67 комити. Повеќето од нив – 45 борци загинале на самиот врв Ножот. Уште 10 биле убиени во подножјето на Асенова Глава, шестмина загинале при повлекувањето, а еден комита бил убиен на Мирчовата Ледина. Дополнително, четворица комити биле опколени во една плевна, при што двајца биле убиени, а другите двајца, кои претходно биле ранети, биле живи запалени. Заробен комита, пак, два дена подоцна бил обесен во Велес.

– По завршувањето на борбите и освојувањето на Ножот, турските војници се изживувале врз телата на загинатите комити. Според историските извори, Енвер-бег интервенирал и наредил тоа да престане, при што им оддал почит на загинатите борци со наредба тие достоинствено да бидат погребани. По негова заповед, месното население ги закопало телата во близина на врвот. Поради карпестиот терен и недостигот од земја, гробовите биле покриени главно со камења, поради што подоцна делови од посмртните останки биле разнесувани од диви животни и кучиња – објасни Патчев.

Битката на Ножот, вели, останува еден од најтешките и најзначајни моменти во историјата на македонското револуционерно движење. На падините на Ножот не се одигра само една воена пресметка, туку чин на крајна пожртвуваност, во кој мал број борци се спротивставија на многу посилен противник оставајќи зад себе сведоштво за храброста, истрајноста и идеалите за кои се бореле. И по речиси 120 години, според Патчев, споменот за Ножот продолжува да отвора прашања за цената на слободата, за човечката издржливост и за трагичните последици на историските судири. Независно од разните толкувања на настаните, оваа битка останува длабоко врежана во колективната меморија како пример за саможртва и како потсетник дека историјата не ја сочинуваат само големите победи, туку и храброста на оние што се соочиле со најтешките моменти. 

Михаил ПАТЧЕВ

Слободан ИВАНОВ

Ad
Ad