Интервјуа
Марта Кос: Покажавте дека може да испорачате резултати кога има политичка волја
Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување – вели во интервју за МИА еврокомесарката за преговори за проширување и соседска политика Марта Кос. Таа денеска во Скопје ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски, за како што вели, да разговара за патот на земјата кон ЕУ и напорите за реформи, со фокус на спроведувањето на агендата за реформи во рамките на Планот за раст за Западен Балкан.
Во пресрет на Вашата посета на Скопје, претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, соопшти убави вести за Македонија дека е меѓу трите земји (со Црна Гора и Албанија) предводници во спроведувањето на Реформската агенда и дека ЕУ ќе ги пренасочи средствата за реформи на Западен Балкан кон предводниците, бидејќи останатите три земји кандидати од регионот заостануваат во нивното спроведување. Имaте ли пресметки колку средства ќе бидат прераспределenи и по кој принцип?
– Северна Македонија постигна силен напредок во рамките на Реформската агендата и сега е меѓу водечките земји во Западен Балкан. Ова заслужува признание. Логиката на нашата финансиска поддршка е едноставна: колку повеќе една земја ги исполнува реформите, толку повеќе поддршка добива. Комисијата сега ги оценува перформансите на сите партнери од Западен Балкан, реформа по реформа. Потоа ќе продолжиме да доделуваме дополнително финансирање на дополнителни реформски обврски. Тоа е поддршка за земјите кои се подготвени да испорачаат уште повеќе. Северна Македонија покажа дека може да го стори тоа.
Целта на вашата посета, како што информираа од вашиот кабинет е да се сретнете со властите за да охрабрите понатамошен напредок во реформите поврзани со Реформската агенда. Ставот на Владата е познат, ќе продолжи со реформите и евроинтегративниот процес, но нема да прифати уставни измени без јасни гаранции дека тоа е последното барање на патот кон ЕУ. Имате ли предвид некаква иницијатива за деблокада на нашите евроинтеграции?
– Северна Македонија покажа дека може да испорача резултати кога има политичка волја. Ова јасно го гледаме во нејзините силни перформанси во рамките на Реформската агенда. Доаѓам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото во преговорите за пристапување.
Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување.
Напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите-членки. Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елементи: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји-членки. Ова започнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија.
Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност.
По средбите со Макрон и Мерц во Тиват, премиерот Мицкоски вели променета е и перцепцијата на европските партнери за македонските позиции, при што дел од високите европски функционери веќе разговараат за можни гаранции и поинаков пристап кон спорот.
– Европските лидери сè повеќе го поддржуваат проширувањето. Тие редовно изнесуваат идеи за тоа како процесот да се направи поефикасен и да им се помогне на кандидатите да напредуваат. Но, нивната поддршка секогаш ќе се темели на реалноста на проширувањето на ЕУ: сите 27 земји-членки одлучуваат заедно на еднаква основа. Најјасната сигурност што ја има Северна Македонија е веќе во писмена форма. Откако ќе се усвојат уставните измени, ќе се одржи следната меѓувладина конференција. Откако ќе се направи овој чекор, верувам дека Северна Македонија природно ќе им се придружи на водечките земји: Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.
Франција и Германија, на Самитот во Тиват презентираа нон пејпер во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство, кое вклучува и привилегиран пристап до единствениот европски пазар на земјите кандидати врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување. Дали се остварливи ваквите предлози, со оглед дека циркулираат повеќе нон пејпери?
– Процесот на пристапување бара време. Но, во денешниот свет, Европската унија не може да си дозволи да чека предолго. Среќна сум што гледам како европските лидери ја водат оваа дебата. Треба да најдеме начини да ја доближиме ЕУ до идните граѓани многу порано. Не можеме да бараме од владите да спроведуваат тешки реформи со години без луѓето да видат јасни придобивки.
Затоа бараме нови начини за интегрирање на земјите-кандидатки пред членството. Северна Македонија е веќе дел од SEPA, што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите. Исто така, сакаме да ги прошириме придобивките за роаминг од ЕУ на Западен Балкан. Северна Македонија е исто така целосно дел од Erasmus+. Во последните 5 години, ЕУ поддржа близу 40.000 размени во кои учествуваа луѓе од Северна Македонија во образованието, обуката, младите и спортот. Пред две недели, се приклучивте на EU4Health, како и на Digital Europe, отворајќи повеќе средства од ЕУ за подобра здравствена заштита, дигитални вештини и нови технологии.
По летото, Комисијата има намера да предложи нови начини на земјите-членки да ги доближат земјите-кандидатки до ЕУ пред пристапувањето. Но, има една важна точка. Ова ќе бара напредок во преговорите за пристапување. Ова останува приоритет. Без таков напредок, понатамошната постепена интеграција ќе биде ограничена.
Украина и Молдавија почнаа со отворање на поглавјата, при што беше побарано и забрзување на пристапните преговори за овие две земји. Овој пример покажува дека кога сака, ЕУ се води од исклучиво политички причини во процесот на пристапување, а не и од критериуми. Во исто време, ја уценува Македонија со дополнителни услови. Каква порака тоа праќа за земјите кандидати од Западен Балкан?
– Напредокот на Украина и Молдавија се базира на нивните заслуги. Тие го исполнија она што сите 27 земји-членки го побараа од нив. Двете земји сега напредуваат.
За да ви дадам индикација за нивните стапки на реализација: минатата година, стапката на спроведување на реформите според Планот за раст на Украина и Молдавија изнесуваше 87% и 93% соодветно. Ниту една земја во Западен Балкан не постигна 50%. Сега ова за среќа се менува со големи подобрувања и овде во Северна Македонија.
Гледаме напредок во исклучително тешки околности и по политички чувствителни прашања.
Земете ги за пример правата на малцинствата. Украина презеде конкретни обврски во врска со, меѓу другото, бугарските и унгарските малцинства и покажува дека дури и најтешките реформи можат да се спроведат. Украина го поставува тонот. Ова се факти. Тие бараат силно и посветено политичко водство.
Дали пролонгирањето на евроинтеграцијата на Западен Балкан може да доведе до безбедносен ризик, зголемен евроскептицизам и влијанија на трети страни во регионот?
– Кога процесот на пристапување останува блокиран предолго, очигледно постои ризик од зголемување на фрустрацијата. Ова дава повеќе простор за дезинформации, политички поделби и надворешни актери кои не сакаат регионот да успее во рамките на Европската Унија. Кога Европа ќе остави вакуум, другите ќе се обидат да го пополнат.
Затоа е многу важно, кога земјите-кандидатки ќе ги исполнат обврските, и ние да ги исполниме. Земете го примерот со Црна Гора. Сега е во завршна фаза од преговорите за пристапување и го гледате одговорот на земјите-членки на ЕУ: тие започнаа со изготвување на договорот за пристапување, подготвувајќи го местото на Црна Гора во ЕУ. Само минатата недела го презентирав финансискиот предлог за Црна Гора откако ќе се приклучи. Проширувањето се случува.
Во исто време, мора да најдеме начини да ги донесеме придобивките од ЕУ за граѓаните на земјите-кандидатки дури и пред членството. Ова им покажува на луѓето дека реформите носат вистински резултати и ги држат земјите поблиску до Унијата. Но, не можеме да ги намалиме нашите стандарди: силните демократски институции, владеењето на правото и независните медиуми ги штитат земјите од корупција, нестабилност и штетно странско влијание откако ќе се приклучат. Проширувањето на ЕУ нема да се случи по секоја цена.
ЕУ планира драматично да ги зголеми трошоците за одбрана, мобилизирајќи 800 милијарди евра во наредните неколку години. Може ли тоа да влијае врз маргинализација на проширувањето како процес?
– Спротивно е: и двете одат рака под рака. Одбраната и проширувањето се дел од истата работа за да се направи Европа побезбедна. Проширувањето ги затвора сивите зони каде што организираниот криминал може да напредува и каде што надворешните сили можат да ја искористат нестабилноста против нас. Исто така, ја проширува заедницата на земји што ја делат одговорноста за безбедноста на Европа. Исто така, наоѓаме нови начини да ги поврземе двете. Земјите кандидати веќе можат да учествуваат во некои заеднички проекти за набавка на одбраната. Поблиската интеграција директно придонесува за одбраната на Европа. Северна Македонија е веќе важен безбедносен партнер.
Колку сте задоволна од својата работа, по две години од мандатот во однос на процесот на проширување?
– Јас сум претпазлив оптимист. Предизвиците се огромни. Но, проширувањето денес е на врвот на агендата на нашите лидери. Сега треба да го задржиме таму. Ова е клучно за нашиот успех. На техничко ниво, постигнавме повеќе за време на овој мандат отколку во претходните 15 години.
Следната недела, Црна Гора ќе затвори повеќе од половина од сите преговарачки поглавја, а ние ќе ги затвориме првите преговарачки поглавја со Албанија. Со Украина и Молдавија, брзо напредуваме во отворањето на кластерите.
Затоа Северна Македонија ми е толку важна. Проширувањето е во движење. Северна Македонија припаѓа на европското семејство. Кога сакате, испорачувате квалитет со брзо темпо. Вратата е отворена, пошироко отколку кога било во една генерација. Сега е време да се испорача и да не се троши повеќе време на изговори. Мојот апел денес е да не го пропуштите овој прозорец на можност. Искористете го. Тоа е во ваши раце.
Виолета ГЕРОВ
Извор: МИА
јули 9, 2026


