Технологија
„Редит“ експериментира со видео и аудиоверзии на објавите
Платформата „Редит“ е позната по тоа што ја одржува својата основна функционалност релативно непроменета, задржувајќи ја 21-годишната верзија на својата страница за корисниците кои обично сакаат сѐ да изгледа исто. Но, компанијата сега тестира дали корисниците сакаат да „доживеат“ објави и коментари без да мора да го читаат текстот.
Така, „Редит“ почна да експериментира со нови аудио и видеофункции што ги прават пишаните објави и коментари поинтерактивни, изјавија од компанијата за „Енгаџет“. Како дел од тестот на „Редит“, корисниците можат да изберат да слушаат објави или да ги гледаат како кратки видеа. Компанијата го опишува тестот како „ограничен експеримент“ што вклучува „примерок од објави од избрани заедници“ на платформата. Новите аудио и видеоформати сепак ќе водат до оригиналните текстуални објави и коментари, коишто „ќе останат непроменети“, според наводите.
Најновиот тест е дел од поширокиот напор на „Редит“ да привлече повеќе нови корисници на платформата и да ги задржи обичните посетители кои само пребаруваат содржина. Извршниот директор Стив Хафман ја објави промената минатиот месец за време на состанокот за приходите на компанијата.
– Се појавува нов вид содржина на интернет, во облик на подкасти, на пр., каде што луѓето читаат содржини од „Редит“, па мислам дека оваа верзија на „Редит“ што можете да ја слушате – би можела да биде навистина интересна, рече Хафман.
Сѐ уште не е јасно како „Редит“ ќе одреди каде ќе го тестира новиот формат, но компанијата, се верува, можеби ќе сака да ги истакне објавите на коишто корисниците би можеле да наидат преку пребарувањата што често се појавуваат низ теми на „Редит“. Во еден ран пример споделен од компанијата, објава од пред осум години, во којашто корисник бара предлози за игри за возрасни за време на патување со автомобил, беше претворена во триминутно видео.
Видеото, кое очигледно користи гласови генерирани од вештачка интелигенција, го прераскажува прашањето од оригиналната објава и некои од најпопуларните одговори. Во јуни, платформата воведе видеокоментари, коишто им овозможуваат на корисниците на „Редит“ да објавуваат видеа во коментарите што потоа можат да се гледаат на цел екран.
август 19, 2026
