Свет
Русија тврди дека соборила 1.246 украински дронови во текот на ноќта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на изминатата ноќ пресретнало и уништило 1.246 украински беспилотни летала над територијата на Русија.
Според соопштението објавено на социјалните мрежи, дроновите биле пресретнати над 15 руски региони, меѓу кои Москва, Ростов и Самара, како и над полуостровот Крим, кој Русија го анектираше.
Министерството не прецизира дали во нападите има жртви или е причинета материјална штета.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека кон руската престолнина и околниот регион биле упатени 462 украински дрона до 7 часот утрово.
– Од синоќа во 23 часот до утрово во 7 часот, 462 беспилотни летала се упатија кон Московскиот регион. Повеќето од нив беа неутрализирани од силите на противвоздушната одбрана на Министерството за одбрана, напиша Собјанин на Телеграм.
Тој додаде дека 123 дрона биле уништени при приближувањето кон Москва, без да соопшти дополнителни детали за евентуални жртви или причинета штета.
ноември 29, 2026


