Политика
Тошковски: Седум жртви на фемицид имаше и во 2022 и во 2018 година, но од тие што денес се најгласни немаше барање за оставка од министерот за внатрешни
Како општество, еднаш засекогаш, мора да престанеме да се лажеме и да почнеме да зборуваме отворено. Јас ќе говорам со бројки кои за жал, позади себе имаат име, презиме, загубен човек, многу болка и тага, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на втората панел-дискусија на тема „Системски одговор на насилството, превенција, заштита и одговорност“, што се одржа во рамки на кампањата „16 дена активизам“ под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“ во организација на Унијата, Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на млади сили на партијата.
Тој посочи дека бројот на фемициди за 2026 година е седум и дека сите ги знаат со име и презиме кои се, а исто толку, седум имало и во 2022 година.
– Памтите некое име од 2002 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас памти име на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство 2018 година. Дали некој од овие коишто протестираа денеска, граѓани на коишто им го разбирам гневот, го разбирам незадоволството, го разбирам разочарувањето, но дали некој од тие памти име на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година, праша Тошковски.
Мора, потенцира тој, отворено да говориме за оваа тема, ова е едно од најголемите општествени зла коишто ги има во Македонија и ако тоа го признаеме ќе биде многу полесно за во иднина да видиме што треба да направиме, како да го направиме.
– Фокусот на општеството во наредниот период мора секојдневно да биде заштита на жените и децата во Македонија, не само кога ќе имаме одреден кривично-правен настан. Минатата недела разговарав со речиси 40-тина новинари на брифинг и споделив дел од статистиката и податоците коишто ги имаме во Министерството за внатрешни работи и побарав од нив максимален фокус на оваа тема бидејќи само така можеме да се избориме со ова зло — само здружени, сплотени, институционално, невладини организации, професори, експерти, обвинители, судии, сите заедно, рече Тошковски.
Истакна дека тоа општествено зло нема да го искоренат преку ноќ, ќе треба многу работа, многу труд, многу енергија.
– Но, тргнавме во промени. Кривичниот законик е променет во еден дел круцијален за заштита на жртвата. Со министерот за социјална политика, демографија и млади повеќе од пет месеци заедно — заедно, кога велам заедно и јас и тој — со невладини организации, професори, судии, обвинители, само јас и тој заедно со останатите, еве да не претерам ама сигурно едно седум-осум пати директно сме присуствувале на тие состаноци и директно сме делувале во насока на зајакнување на одредбите од законот, сѐ со цел да може да имаме подобар институционален одговор. Прво што направи МВР е што го врати средното полициско училиште. Денес функционира и ви гарантирам дека за 10 години од сега ќе имаме најмалку 2.500 до 3.000 обучени полициски службеници кои ќе бидат темелот на државата кога говориме за безбедност и воедно за заштита на жртви од семејно насилство. Тоа е прва системска работа што сме ја направиле во изминатиов период, рече Тошковски.
Појасни дека на централно ниво ги јакнат силите во насока на соодветен институционален одговор на цела територија на државата и на состанокот кој го имале заедно со министерот и со јавниот обвинител утврдиле конкретни точки за координација кои ќе треба да дадат воедначен институционален одговор за ваков тип на семејно насилство. Трето и многу битно, нагласи министерот, институционалниот одговор на секој еден униформиран полициски службеник во иднина, па и на секој инспектор кој ќе биде на терен, гарантирам дека ќе биде на сосема друго ниво за многу кратко време од сега.
– Почнавме со тест-период на имплементирање на радикално круцијално решение што гарантирам ќе биде многу подобро од аспект на додадена вредност во општеството дури и од „Безбеден град“. Секој униформиран полициски службеник ќе има боди-камера на себе што ќе констатира фактичка состојба, тој ќе мора строго да се однесува согласно протокол на однесување што го имаме дефинирано, а притоа сето тоа ќе биде евидентирано во рамки на службен материјал. Секоја комуникација со жртва, со насилник ќе биде евидентирана и документирана во рамки на МВР. Секој доказ што ќе биде обезбеден во рамки на постапувањето веднаш ќе биде споделен со јавниот обвинител, нема ЦД-иња, нема УСБ-стикови, нема, заврши. Институционалниот одговор од аспект на брзина на реакција споредено со пред некоја година, па и денес, ќе биде неспоредлив, особено за овој тип криминал. Ве уверувам дека ќе биде многу поразлично од она што сме навикнати да го гледаме и од аспект на професионален одговор од институцијата, но и од аспект на почит на институцијата преку полицискиот службеник кој е претставник во суштина на државата, рече Тошковски.
Тој истакна дека во делот на итни мерки кои биле спроведени против сторители на семејно насилство и во делот на изречена најстрога мерка од страна на судот против насилници во делот на семејно насилство: лани имало 44 притвори, годинава има 163 за осомничени насилници кои делувале во насока да има жртва на семејно насилство.
– Институционалниот одговор мерен преку изречени најстроги мерки притвор, 2026 со 2025 е за 300 отсто зголемен. Ве уверувам дека Македонија ќе си ја направиме поубаво место за живеење со работа и со отвореност, со храброст и со сплотеност. Ако ни е целта на сите да живееме во една безбедна Македонија, тогаш фокусот на Македонија мора да биде жената и детето. Мора да биде жената и детето. Ова е многу, многу широка тема, додаде Тошковски.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека генерално годишно имаат 50 до 60 пријави на врсничко насилство и ги процесуираат по протокол.
– Мојот впечаток е и за врсничкото насилие, но и за сето друго, особено ова врз жените, дека постоело, секако ќе постои. Наша задача е да го сведеме на минимум и не сме ние изненадени колку е, се појавуваат овие девијантни појави. Тоа што сакам да го кажам и што за мене е многу впечатливо е дека насилието станува сѐ побрутално и бруталноста на насилниците навистина изненадува. Кога бев млада имаше насилиство, но немаше гасење цигари од кожата на жртвата, немаше присилно, насилно соблекување на жртвата, немаше понижување кога моли и мора да моли жртвата за милост за да не биде физички повредена. Но, сега, јас се радувам што за ваквите појави зборуваме. Во минатото ниту жените, но ниту наставниците и родителите зборуваа за ова. Отворената дискусија на оваа тема, де факто, води кон напредок. Колку и да е тежок периодот, колку и да е мачен периодот, сме се собрале да бараме решение, рече Јаневска.
Посочи дека решенија постојат, но нивната примена треба да ја активираат и интензивираат.
– Она што ние го правиме во училиштето, прво за врсничкото насилство, е активна и агресивна борба против врсничкото насилство што со години наназад не сме ја виделе. Првенствено, веднаш кога дојдовме на власт ние донесовме Закони за основно и средно образование во кои ги задолживме училиштата во својата годишна програма, обврзно да имаат програма во која ќе работат со учениците против врсничко насилство и против сите други видови на дискриминација, затоа што насилието претставува еден вид на дискриминација. И тие се сега задолжени и тоа го прават, истакна Јаневска.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски рече дека на располагање имаат 10 шелтер-центри во Македонија, како и советувалиштата за психосоцијална поддршка.
– Секој кој има проблем и му треба ваква поддршка да го користи како механизам, бидејќи тие луѓе навистина се стручни, даваат одлични совети, знаат како да ги советуваат жртвите. Доколку има насилство, секој треба да биде мотивиран навремено тоа да го пријави. Да не чекаме некој да стане жртва, додаде Велковски.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во обраќањето најави дека и во текот на наредната година ќе продолжи отворањето нови локации за привремено згрижување на жртвите на семејно насилство и посочи дека градот веќе го направил првиот чекор со обезбедување целосно опремен стан за привремен престој на жртвите, нагласувајќи дека институционалната поддршка и создавањето безбедно засолниште се од особено значење за лицата кои се соочуваат со семејно насилство.
– Првиот чекор што го обезбедиме да обезбедиме стан во којшто ќе бидат сместувани привремено жртвите на семејно насилство, и мислам дека тоа беше добар чекор, дали тоа целосно ги решава проблемите, не ги решава, но многу е важно во овој процес тие кои се кревки, да знаат дека имаат на кого да се потпрат токму заради тоа ќе продолжиме наредната година во обезбедување на повеќе позиции вакви, секако тоа се локации кои се недостапни за очите на јавноста но се целосно опремени од страна на градот Скопје, рече Ѓорѓиевски.
Потенцира дека покрај обезбедувањето привремено сместување за жртвите на семејно насилство, градот Скопје обезбедува правна и психолошка поддршка и истакна дека поддршката опфаќа транспорт, логистичка помош, разговори со стручно лице и пакети со храна, а преку соработка со приватни компании се работи и на нивно вклучување на пазарот на трудот.
Во меѓувреме, појасни соработуваме со сите невладини организации кои пружаат ваков тип услуги и даваме финансиска поддршка за да можат што поголем број на вакви случаеви да бидат опфатени и пак ќе споменам многу е важно во тие моменти да знаат дека имаат на кого да се потпрат.
– Вториот чекор што го преземаме, бидејќи не е доволно само некого да го згрижите и да му обезбедите привремено сместување, обезбедуваме правна и психолошка поддршка како град Скопје, нешто што исто така ние го воведовме како новитет, а не беше за жал пракса години наназад во градот Скопје и третиот чекор којшто го преземаме, остваруваме контакти со приватните сопственици коишто ги пласираат таквиот тип на жртви на семејно насилство на пазарот на трудот, и тука е еден комплиментарен процес, заокружен циклус на којшто практично од моментот на пружање на рака и помош во прва фаза каде што обезбедуваме и транспорт за истите жртви, обезбедување на поддршка логистичка со еден службеник да разговараат затоа што и тоа е многу важно, обезбедување пакети на храна и подоцна пласирање на пазарот на трудот“, додаде Ѓорѓиевски.
ноември 25, 2026


