Економија
Штериев: Берзата немала улога во одобрувањето на преземањето на Алта банка, заштитата на малцинските акционери е обезбедена со Законот за преземање
Македонската берза немала законска улога во проверката, анализата или одобрувањето на документацијата во постапката за преземање на поранешната Стопанска банка Битола од страна на Алта банка Белград, истакна попладнево главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, на надзорната расправа во Собранието, посветена на случајот со Алта банка.
Тој појасни дека, според Законот за преземање, трансакциите што произлегуваат од успешни постапки за преземање не се извршуваат преку Берзата, туку претставуваат нетрговски преноси што се регистрираат во Централниот депозитар за хартии од вредност.
– Согласно Законот за преземање, улогата на Македонската берза како организирано место за тргување и спојување на понудата и побарувачката е исклучена во делот на преземањата. Трансакциите што се случуваат како епилог на успешни постапки за преземање се неберзански трансакции, а се врши таканаречен нетрговски пренос во Централниот депозитар за хартии од вредност – рече Штериев.
Тој нагласи дека Берзата единствено ги објавува намерата и понудата за преземање на својата веб-страница, но не врши нивна проверка.
– Берзата, за разлика од регулаторните органи, нема никаква улога да ги анализира, проверува и одобрува документите – истакна Штериев.
Во однос на евентуалните неправилности при преземањето на банката, тој рече дека Берзата нема надлежност да оценува такви прашања, туку нејзина обврска е да се грижи котираното друштво навремено да ги објавува ценовно чувствителните информации.
– И да имало неправилности, ние не сме орган во чиј делокруг на работење и надлежности спаѓа тоа. Она што нам ни беше битно е котираната компанија за време на таа постапка да ги дава соодветните информации – посочи Штериев.
Осврнувајќи се на положбата на малцинските акционери, тој оцени дека законската рамка за преземање е создадена токму за нивна заштита.
– Суштината на Законот за преземање е токму во тоа да ги заштити малцинските акционери. Кога ќе се појави потенцијален купувач на доминантен пакет, под исти услови еднократно им се нуди на сите акционери да ја прифатат понудата и да не бидат маргинализирани – рече Штериев.
Во врска со најавената јавна берзанска аукција за продажба на 95,336 проценти од акционерскиот капитал на Алта банка Битола, закажана за 30 ноември, Штериев објасни дека почетната цена од 3.777 денари за акција е утврдена согласно Законот за банки.
– Во законот е предвидено дека се зема просекот од официјалните цени по кои се тргувало со тие акции во последните три месеци. Ние го пресметавме тој просек и дојдовме до износ од 3.777 денари – рече тој.
Штериев додаде дека аукцијата ќе се спроведе во два круга, при што заинтересираните инвеститори, кои ќе добијат претходна согласност од Народната банка, најнапред ќе треба да ја прифатат почетната цена, по што ќе следува фаза на наддавање со повеќе циклуси. Акциите ќе ги добие понудувачот што ќе понуди највисока цена.
– Ако некој во првата фаза покаже интерес, тогаш следува втората фаза, таканаречената фаза на наддавање. Таа трае неколку минути. Бидејќи Македонската берза има долгогодишно искуство со различни аукции, вграден е механизам што овозможува повеќе циклуси на наддавање. Во секој циклус, доколку во последната минута има подобрување на цената, се отвора нов циклус. Ова може да се повтори до десет пати. На крајот, трансакцијата ќе ја реализира понудувачот што ќе ја понуди највисоката цена во моментот на завршување на аукцијата. Станува збор за софтверски програмиран алгоритам, кој многупати е испробан на Македонската берза – нагласи Штериев.
Претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, констатираше дека е исцрпена листата на повикани учесници и сведоци, по што го прекина првото продолжение на надзорната расправа.
– Од тие причини ја прекинувам надзорната расправа. Датумот за одржување на второто продолжение на надзорната расправа, како и распоредот на исказите и агендата на претставниците, односно сведоците, Комисијата за финансирање и буџет дополнително ќе ги утврди на координација, за што ќе бидете навремено информирани – рече Лукаревска
ноември 25, 2026


