Connect with us

Свет

Земјите би можеле да спасат 9 милиони животи годишно доколку ги исполнат целите за квалитетот на воздухот што моментално не ги достигнуваат

Euronews

Почистиот воздух би можел да спаси 9,4 милиони животи годишно доколку земјите ги достигнат стандардите за квалитет на воздухот препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), покажува ново истражување од Универзитетот во Кембриџ. Покрај здравствените придобивки, намалувањето на загадувањето би донело и значителни економски заштеди.
Намалувањето на загадувањето на воздухот до нивоата препорачани од Светската здравствена организација би можело да им помогне и на милиони луѓе да избегнат сериозни срцеви и белодробни заболувања, додека земјите би направиле значителни заштеди во здравствениот систем и би ја зголемиле продуктивноста на работната сила.

Ова го покажува нова студија на научници од Универзитетот во Кембриџ, објавена во научното списание „Енвajронмент интернешнл“.

Истражувањето опфатило 136 земји со ниски и средни приходи и ги разгледало здравствените и економските последици од намалувањето на загадувањето на воздухот.
Според резултатите од студијата на Универзитетот во Кембриџ, достигнувањето на препорачаните вредности за концентрацијата на честички PM2,5 би можело да спречи или одложи околу 9,4 милиони смртни случаи за една година. Намалувањето на концентрациите на азот диоксид до препорачаните нивоа би можело да спречи или одложи уште околу 1,1 милион смртни случаи.
Загадувањето на воздухот е една од најголемите еколошки закани за здравјето на луѓето. Долготрајната изложеност на загадувачи е поврзана со бројни болести, вклучувајќи кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и деменција, предупредува СЗО.

Колку се далеку земјите од препораките на СЗО?
Во 2021 година, Светската здравствена организација ги заостри препораките за квалитет на воздухот, намалувајќи ја максималната препорачана годишна концентрација на PM2.5 честички од 10 на пет микрограми на кубен метар. Во исто време, препорачаната граница за азот диоксид беше намалена од 40 на 10 микрограми на кубен метар, според упатствата на организацијата.
Сепак, голем број земји, особено оние со ниски и средни приходи, се уште се далеку од исполнување на тие стандарди.

Во истражување на 136 земји, просечната годишна концентрација на PM2.5 честички беше 30,44 микрограми на кубен метар, што е повеќе од шест пати над препорачаната граница на СЗО, според податоците од истражувачите на Универзитетот во Кембриџ.

Најголемите придобивки од намалувањето на загадувањето се очекуваат токму во земјите со ниски и средни приходи, кои во моментов се најизложени на овој проблем. Истражувачите посочуваат дека квалитетот на воздухот во тие земји често се влошува заедно со забрзаната урбанизација, економскиот развој и зголемениот број автомобили и други моторни возила.
„Достигнувањето на препорачаните вредности на СЗО за квалитет на воздухот нема да биде лесно, но земјите со ниски и средни приходи имаат клучна можност да обликуваат поздрава иднина како што нивното население расте, а градовите се шират“, рече Ханин Креис, еден од авторите на студијата од Универзитетот во Кембриџ.

Милиони помалку случаи на срцеви и белодробни заболувања
Придобивките од почист воздух не само што би се одразиле во намалување на смртноста. Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ проценуваат дека достигнувањето на препорачаните вредности на PM2.5 би можело годишно да доведе до:

2,8 милиони помалку нови случаи на хронични опструктивни белодробни болести;
1,1 милион помалку нови случаи на деменција;
7,3 милиони помалку нови случаи на болести на срцето;
2,3 милиони помалку нови случаи на мозочен удар

Намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни заболувања е особено значајно, бидејќи срцевите удари и мозочните удари сочинуваат најголем дел од смртните случаи кои, според проценките на студијата, би можеле да се спречат.

Затоа авторите на истражувањето ја посочуваат важноста на борбата против загадувањето на воздухот како една од мерките за намалување на товарот врз здравствените системи. Светската здравствена организација, исто така, предупредува на поврзаноста помеѓу загадувањето на воздухот и срцевите заболувања, мозочниот удар и хроничните респираторни заболувања.

Почистиот воздух, исто така, носи заштеди од милијарди долари
Економските последици од загадувањето се исто така значајни, а намалувањето на концентрацијата на штетни супстанции би можело да донесе придобивки што одат подалеку од јавното здравје, според резултатите од истражувањето на Универзитетот во Кембриџ.

Според проценките на истражувачите, достигнувањето на препорачаните вредности на PM2.5 би можело да донесе годишни социјални придобивки проценети на 8,4 трилиони меѓународни долари. Тоа е економска мерка што ги зема предвид разликите во куповната моќ меѓу земјите. Таа сума одговара на приближно 10,7 проценти од комбинираниот бруто домашен производ на сите 136 земји вклучени во истражувањето, според „Еуроњуз“.

Заштеди би се постигнале и преку пониски трошоци за лекување и зачувување на работниот капацитет на населението.

Истражувачите проценуваат дека годишните директни заштеди на медицински трошоци би можеле да изнесуваат 11,8 милијарди меѓународни долари за срцеви заболувања, 5,9 милијарди за мозочен удар и 8,6 милијарди за деменција, се наведува во резултатите од студијата.

Дополнително, намалувањето на болестите би значело помалку отсуства од работа, зачувувајќи ја продуктивноста и помали економски загуби поврзани со предвремена смрт и инвалидитет, заклучуваат истражувачите од Универзитетот во Кембриџ.

Ad
Ad