Вести
Собранието ја констатира оставката на заменик-министерот за здравство, Андовски
Собранието денеска ја констатира оставката на заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски. Пратениците го усвоија дневниот ред на 126. седница, а пред расправата и гласањето за овие точки се одржуваат опозициските пратенички прашања.
На предложениот дневен ред за 126. седница се предлог-закон за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа, предлог за избор на надворешен комисионер (член) на Комисијата за хартии од вредност, предлог-одлука за испраќање припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија – АЛТЕА во Босна и Херцеговина, предлог-одлука за именување претседател и членови на одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, дополнет предлог-закон за државната ревизија – трето читање и предлог-одлука за изменување на одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можност за настанување нарушување со снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на државата и барање за давање автентично толкување на член 141 став (4) од Законот за работните односи, поднесено од пратеничката Даниела Николова.
Не беше усвоен предлогот на дневен ред на седницата да се најде Законот за финансиската поддршка за намалување на последиците од економската криза врз земјоделското и сточарското производство и откупот на земјоделските производи во 2026 година, по скратена постапка.
октомври 14, 2026


