Connect with us

Вести

Минчев: Помалку процедури, повеќе резултати – администрација во служба на граѓаните

Помалку чекање, без непотребно собирање документи и без препраќање од шалтер на шалтер. Тоа е јавната администрација што им е потребна на граѓаните и кон која мора да се движи секоја институционална реформа. Токму затоа, квалитетот на јавните услуги мора да се мери преку она со што граѓаните секојдневно се соочуваат, а не само преку бројот на реализирани активности и донесени одлуки. Ова го истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање на отворањето на тридневната TAIEX работилница „Зајакнување и унапредување на системот за управување со квалитет во јавниот сектор во Северна Македонија“.

Во своето обраќање, министерот Минчев нагласи дека управувањето со квалитет не смее да остане само формална обврска или примена на одреден модел, туку треба да прерасне во начин на работа на секоја институција, заснован на одговорност, мерење на резултатите и постојано подобрување.

– За нас, квалитетот е дел од пошироката реформа на јавната администрација. Нашата цел е да изградиме институции кои се поефикасни и поодговорни, но и институции кои имаат капацитет да учат од сопственото работење и постојано да ги подобруваат своите резултати. Успехот на една институција не треба да го мериме само според бројот на донесени акти или реализирани активности. Прашањето е едноставно: дали граѓанинот добил подобра услуга, дали процесот е поедноставен, дали времето е пократко и дали институцијата навистина одговорила на потребата за која постои – истакна министерот Минчев.

Во таа насока, Министерството за јавна администрација веќе спроведе мерење на квалитетот на услугите преку методологијата „таен клиент“ и анкети со корисници на услуги, со опфат на повеќе од 600 граѓани и 70 директни проверки. Резултатите покажуваат дека речиси половина од анкетираните граѓани сметаат дека работата на институциите е подобра од претходно. Овие показатели се важна основа за согледување на постигнатиот напредок, но и за утврдување на областите во кои се потребни дополнителни подобрувања.

Осврнувајќи се на значењето на иновациите во јавниот сектор, министерот нагласи дека подобрувањето на јавните услуги бара отвореност кон нови идеи, преиспитување на постојните практики и подготвеност за промени што носат конкретни резултати за граѓаните.

На отворањето се обрати и амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, во знак на досегашната соработка и споделувањето на своите искуства за значаен придонес во унапредувањето на управувањето со квалитет во јавниот сектор.

Во текот на тридневната работилница, претставниците на Националното координативно тело и имплементаторите на моделот CAF 2020 ќе работат на унапредување на знаењата и практичните вештини за самооценување, мерење на резултатите, изработка на планови за подобрување и одржливост на постигнатите резултати.

Министерството за јавна администрација, како што наведува, продолжува да ги унапредува институционалните капацитети и да гради систем во кој квалитетот нема да биде само формален стандард, туку секојдневна обврска на институциите кон граѓаните. Целта е, според нив, јавна администрација што ги става граѓаните на прво место, со поедноставни постапки, поквалитетни услуги и институции што ја оправдуваат довербата преку конкретни резултати.

Ad
Ad