Општини
Возило „форд“ модел Т од 1923 претставено на изложба на олдтајмери во Велес
На изложбата на олдатјемери – стари возила во исправна состојба што ја организира здружението „Kings of the streets“, која вчера во Велес се одржа во рамките на годинашната „Питијада 2026“ најголем интерес предизвика историски реткото возило во земјава, старо 103 години, Ford Model T од 1923 година.
Воодушевени што по првпат гледат вакво возило како од кратките неми филмови со Чарли Чаплин снимени на улиците низ големите американските градови на почетокот на 20 век, посетителите задолжително се сликаа покрај него.
Возилото е сопственост на битолчанецот Драганчо Богевски Попето, кој го донел од Америка. Возилото е сто проценти во исправна и автентична состојба. Како што информира за МИА сопственикот Богески, станува збор за кабриолетна верзија со карактеристични дрвени бандажи и специфичен систем со педали, кое развива до 45 километри на час.
На изложбата на олдтајмери беа претставени 70- тина возила олдатјмери во исправна возна состојба од: Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина од 50-тите, 60 тите и 70 тите години на 20 век. Имаше интересни модели на „опел“, „цитроен“, „ буба“ „рено“ и други модели.
Посебно интересни за младите, а на кои со носталгија се сеќаваа повозрасните посетители беа возилата изработени и возени масовно во поранешна Југославија како популарните „Стоеден“ или „Стојадин“ и фиќо“ односно возилата „Застава 101“ и „Застава 750“ , произведени од фабриката Застава во Крагуевац, Србија.
Александар и Андреј Мирчевски од Велес на изложбата ја донесоа и француската убавица „Пежо 203“ во бела боја од 1951 година во исправна состојба која била реставрирана од нивниот татко Борче Мирчевски страствен колекционер и мајстор за реставрација на олдатјмери, и еден од основачите на здружението „Кралеви на улиците“ од Велес.
Борче Мирчевски, воедно, е и еден од основачите на оваа веќе традиционална изложба која по првпат се одржа во 2016 година, во рамките на велешката „Питијада“ што ја организира Општина Велес.
октомври 11, 2026


