Општини
Со богат огномет синоќа, а со почит за борците денеска, Прилеп го одбележува 11 Октомври
Од Прилеп започна пламенот на востанието што се прошири низ Македонија и стана дел од борбата за слобода, достоинство и создавање сопствена држава, порача синоќа градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски пред прилепчани, во центарот на градот започнувајќи ги централните чествувања за 11 Октомври и 85 годишнината од почетокот на Народното востание.
Со богат огномет, импровизиран напад на градот, како потсетување на виорните времиња на 11 октомври 41-та, со филмувана приказна за нападот на тогашниот Участак, денес Меморијален музеј „11 Октомври“, Прилеп ги започна чествувањата за Празникот. Бројните прилепчани ја потврдија потребата да оддадат почит на она што започнало пред 85 години, а резултираше со македонска државност.
-11 Октомври за нас е сведоштво за изборот што го направиле нашите предци. Изборот да не се помират со неправдата, да не ја прифатат окупацијата како судбина и да не се откажат од правото на сопствена слобода. Од Прилеп започна пламенот на востанието што се прошири низ Македонија и стана дел од борбата за слобода, достоинство и создавање сопствена држава. Зад тој историски чин стојат имињата, животите и семејствата на луѓе кои не барале признание за својата храброст, туку верувале во правото на својот народ да живее слободен. Наше е денес да покажеме храброст на поинаков начин, да преземаме одговорност, да не се задоволуваме со просечноста и упорно да работиме за подобра иднина. Тоа е начинот на кој му оддаваме почит на градот херој, рече Проданоски синоќа пред прилепчани.
Во чест на празникот, преку „Приказна за градот херој-Прилеп“, се одржуваа бројни историски, културни и спортски настани, а ќе ги има и до крајот на месецот.
Денеска, на Празникот, бројни делегации ќе се поклонат и ќе им оддадат почит на 650 загинати борци од НОБ чии мошти се на Могилата на непобедените во Прилеп и на народните херои во Алејата на Паркот на Револуцијата.
Денеска, од 9 до 14 часот во просториите на Црвениот крст ќе се одржува крводарителска акција. Традиционално, на празникот на булеварот во центарот на Прилеп ќе се одржува автомобилско шоу, а вечер од 18 часот концерт ќе одржи „Пајак“.
Утре, на 12 октомври, на булеварот „Гоце Делчев“, од 11 часот ќе се одржува Техничко-тактички збор на АРМ со изложба на воена опрена и оружје, како и показни боречки вештини на специјалните единици.
октомври 11, 2026


