Регион
Мицотакис за грчко-турските односи: Мал ветер и мали бранови во Егејското Море, но тоа не е невообичаено
Во Егејското Море има, да речеме едно ветре, мали бранови, но знаете, тоа не е невообичаено. Како што се менува и времето. Имаме и мирно море, но и северен ветер, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Скај“, говорејќи за односите со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека засега не е планирана некоја средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но потсети дека е премиер, кој имал најмногу средби со претседателот на Турција и нагласи дека секогаш се стреми кон отворени канали на комуникација, за кои објасни дека постојат по потпишувањето на Атинската декларација меѓу двете земји.
– Една од придобивките на Атинската декларација е тоа што сега имаме воспоставена рамка за комуникација, како и за политички контакти, секако и на највисоко ниво, така што, доколку некогаш дојде до одредена тензија, главното е да може да се крене телефон и да се разговара, бидејќи сметам дека во моментов никој не посакува тензии, објасни Мицотакис.
Се осврна и на посетата на Атина на државниот секретар на САД Марко Рубио, оценувајќи ја позитивно и посочувајќи дека продлабочувањето на грчко-американските односи може само придобивки да донесат за Грција.
Објасни дека Рубио ја истакна улогата на Грција како незаменлив стратешки партнер во Источниот Медитеран, во време кога во поширокиот регион владее голема геополитичка нестабилност.
– Сметам дека оваа посета ја потврди одличната рамка на грчко-американските односи. Овие односи, секако, имаат силна одбранбена и политичко-дипломатска димензија, но сега се прошируваат и на прашањата поврзани со енергетиката, поврзаноста и инвестициите. Затоа, сметам дека, несомнено, посетата имаше позитивен ефект, истакна грчкиот премиер.
Во интервјуто, говорејќи за енергетиката, се осврна и на Вертикалниот коридор, посочувајќи дека веќе е во функција и е „политички избор на Владата да ги искористи енергетските инфраструктури со кои располага земјата“, за транспорт на природниот гас и, како што рече, „Грција да ги снабдува северните соседи“.
– Во оваа фаза донесовме одлука гасот да биде американски. Но, ова се комерцијални договори што ја користат грчката енергетска инфраструктура и пред сè се однесуваат на нашите северни соседи. Фактот што Грција денес станува снабдувач на енергетска безбедност за Балканот и за други земји од Југоисточна Европа, сметам дека значително ја зајакнува нашата геополитичка позиција. И, секако, би сакал да истакнам уште нешто: американската влада, како и американските компании, избраа ова да го реализираат преку Грција. Можеа да го сторат тоа и преку друга земја, објасни Мицотакис.
октомври 10, 2026


