Connect with us

Вести

Крмов: СДСМ бега од разговор за Изборниот законик , Левица е за една изборна единица и фер третман за изборната кампања

Отсуството на СДСМ од консултативната средба за реформи во изборното законодавство покажува политичка незрелост и недемократски однос, особено во услови кога се разговара за прашања што директно го засегаат изборниот процес – изјави денеска координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов, по средбата во Министерството за правда поздравувајќи го повторното отворање на процесот за измени на Изборниот законик.

Левица, додаде тој, го поздравува отворањето на процесот, имајќи предвид дека токму тоа беше и една од нашите заложби во изминатиот период.

– За жал гледаме дека СДСМ не се присутни. Тоа покажува еден тип на политичка незрелост и недемократичност. Изгледа провидно нивната намера фактички да ја остават Левица единствена партија хендикепирана, која не може да добие средства од платено политичко рекламирање – истакна Крмов.

Левица останува на своите две клучни барања: една изборна единица и фер распределба на средствата за изборните кампањи. Но, како што посочи Крмов, фер третман значи и можноста платеното политичко рекламирање целосно да се укине.

 – Фер распределба е и нивно укинување. Апсолутно ние тука не сме дојдени за пари, туку бараме фер третман. Нема проблем и со нивно укинување. Во тој случај ќе заштедиме милиони евра за граѓаните, а Левица конечно ќе добие фер третман – рече Крмов.

Тој порача дека не може една партија да биде ставена во нерамноправна положба во изборниот процес, додека сите останати партии ги користат постојните механизми за финансирање на кампањите.

– Недозволиво е само Левица да остане надвор од изборниот процес. Не е проблем, ние се залагаме и за укинување. Не е никој дојден тука да бара пари, но не може само една партија да биде политички дискриминирана. Тоа е и неуставно и незаконски. Сите се тркаат на 100 метри, само Левица се трка на 150 метри. Вака илустрирано, тоа е апсолутно недозволиво – потенцираше Крмов.

Левица, како што одговори тој на новинарско прашање, е против онлајн гласање на дијаспората затоа што е проблематично, но од друга страна гласање по пошта донекаде е пракса во европските држави.

– Тука се поставува прашањето колку тоа е кај нас возможно, ако знаеме како функционира македонските пошти. Ние сме отворени за некое решение во тој проблем, а сме остро против онлајн гласање – рече Крмов по средбата.