Connect with us

Сцена

Документарецот Линкин парк: Нескршливи“ ја раскажува приказната за новото поглавје на бендот

За многу припадници на милениумската генерација, „Линкин парк“ претставува влез во светот на рокот и металот – групата и денес останува еден од најпознатите современи рок-состави. Нивниот пат по смртта на пејачот Честер Бенингтон и нивното враќање на сцената со нова пејачка се прикажани во новиот документарен филм „Линкин парк: Нескршливи (Linkin Park: Unshatter)“, којшто ќе се прикажува во кината од 30 септември.

Филмот е спој од документарец и снимка од концерт, и ги следи членовите на бендот од нивните студио-сесии во 2022 година, па сè до објавувањето на албумот „From Zero (Од нула)“ во ноември 2024 година. Режисер на филмот е со-основачот на бендот, Џо Хан. Во интервјуата, членовите на бендот зборуваат за обновувањето на старите пријателства и за работата на новата музика – нивните приказни се испреплетени со снимки од концертот во Сао Паоло, Бразил, одржан на 15 ноември 2024 година – денот кога беше објавен албумот.

– Животот не секогаш ти дава втора шанса, вели Хан во филмот, изразувајќи благодарност што може да продолжи да создава музика со пријателите.

Дел од приказната зад враќањето на бендот им е веќе познат на фановите. Членовите претходно спомнуваа дека размислувале за ново име, но музиката што ја создавале звучала, како што самите велат – непогрешливо како „Линкин парк“.

Сепак, не сите членови се вратија на своите првични улоги. Тапанарот Роб Бурдон не му се придружи повторно на бендот, додека гитаристот Бред Делсон повеќе не настапува во живо. Новата пејачка Емили Армстронг и тапанарот Колин Бритен не беа избрани преку традиционални аудиции – наместо тоа, тие постепено станаа дел од составот преку заеднички музички сесии. Подоцна, на концертната постава ѝ се придружи и гитаристот Алекс Федер.

Филмот, пред сѐ, ги претставува погледите на Хан за новиот почеток на рок-метал-составот. Тој им нуди на фановите увид во процесот на снимање на новиот албум – вклучително и гостувањето на Марк Хопус од „Блинк-182“, како и разговори за наследството на Бенингтон. Значаен дел од филмот опфаќа снимки од концертот во Сао Паоло, а на 25 септември „Линкин парк“ објавија албум во живо како придружба на филмот.

Инаку, албумот „From Zero“ се искачи на врвот на топ-листите во повеќе земји веднаш по неговото објавување.

Американската група „Линкин парк“ е основана во Калифорнија во 1996 година под името „Ксеро“. Откако Честер Бенингтон му се приклучи кон составот, го усвоија своето конечно и најпрепознатливо име, по што се стекнаа со светска слава со деби-албумот „Hybrid Theory (Хибридна теорија)“ од 2000 година. Досега, бендот има продадено над 100 милиони албуми.