Сцена
Ања Тејлор-Џој со провокативна тоалета на „Диор“ на Модната недела во Париз
Ања Тејлор-Џој беше меѓу истакнатите гости на ревијата на „Диор“ (Dior) за сезоната пролет/лето 2027 година за време на Модната недела во Париз, а за таа пригода избра комбинација што спојуваше класична елеганција со драматични и благо готски елементи, пишува „Кликс“.
Глумицата носеше полукратко миди-здолниште со крој од типот „молив“ и спуштен струк, коешто го искомбинира со црни чевли со штикла и зашилен врв. Сепак, централниот дел од нејзиниот изглед беше целосно проѕирна наметка од тантела, без градник, што на целата комбинација ѝ даде драматичен печат. Наметката ѝ беше префрлена преку едното рамо, со благо набран изрез околу вратот, додека нејзината долга силуета допираше речиси до подот. Проѕирниот материјал беше украсен со бројни мотиви од растенија и цвеќиња, а предниот отвор овозможуваше слободно движење на наметката при одење и дополнително ја истакнуваше впечатливоста на комбинацијата.
Изразената црна јака и дискретните набори дополнително ги нагласија елементите инспирирани од викторијанскиот стил. Така, целиот изглед содржеше детали на тн. „темен гламур“ (dark glamour) – тренд што спојува темни тонови, нагласени силуети, тантела и готски елементи. Иако нејзиниот изглед не беше класичен пример за тој стил, Тејлор-Џој внесе елементи од викторијанската естетика и ги прилагоди кон современ изглед преку цветните мотиви на тантелата, структурираната силуета и деталите како што е високата јака.
Ања Тејлор-Џој и „Диор“ имаат долгогодишна соработка. Глумицата е амбасадорка на оваа француска модна куќа од октомври 2021 година. Иако ја доби таа улога додека Марија Грација Кјури беше на чело на женската мода, Тејлор-Џој продолжи да го поддржува „Диор“ и откако Џонатан Андерсон ја презеде функцијата креативен директор. Актерката зборуваше за работата на Андерсон и во март оваа година, за време на Модната недела во Париз, кога истакна дека тој е мајстор за создавање искуства што ги вклучуваат сите сетила и дека таа секогаш си заминува од неговите ревии со убави спомени.
октомври 1, 2026
