Вести
„Теса енерџи“ ја пушти во употреба новата когенеративна постројка на Топлана Скопје Север, инвестиција од 2,5 милиони евра
Компанијата „TESSA Energy“ која во 2024 година ја презеде во управување поранешната Топлана Скопје Север денеска ја пушти во употреба новата когенеративна постројка. Станува збор за инвестиција од 2,5 милиони евра, а двата генератори ќе произведуваат 2,1 мегават електрична енергија и 2,6 топлинска енергија.
Управителот на „TESSA Energy“, Ајри Шеј истакна дека ова е само првата фаза, веќе во втората фаза се планира нова инвестиција од 10 милиони евра, а целта е да се создаде современ енергетски центар.
-За нас ова не беа само деловни одлуки, презедовме многу важен енергетски објект, но и одговорност да го зачуваме и дополнително да го модернизираме системот што обезбедува топлинска енергија за домаќинствата и останатите објекти во Чаир и Бутел. Но, ние не застанавме само на тоа. Уште тогаш имавме многу јасна визија да ја модернизираме постојната инфрастуркура и да ја трансформираме во современ центар за комбинирана топлинска и електрична енергија. Не инвестираме само во постројка и опрема, инвестираме во домашно производство на енергија, во поголема енергетска сигурност, во современа инфраструктура, во домашна економија и во заштита на животната средина. Денешната инвестиција покажува многу јасна визија, дека со јасна визија, знаење, одговорност и институционална соработка, постарите капацитети можат да се обноват, да добијат нова вредност и да станат основа за идниот развој. Уверен сум дека денешниот ден е почеток на една успешна развојна приказна за „Теса Енерџи“, значаен чекор кон посигурна, поодржлива енергетска иднина за државата – рече Шеј.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, оваа инвестиција е показател дека и домашните компании можат да прават зелена транзиција.
-Ова е многу важно затоа што домашни компании покажуваат дека можат да се во чекор со највисоките светски трендови. Како Министерство за транспорт ќе продолжиме да ги поддржуваме овие инвестиции и во најбрз можен рок да ги завршуваме сите административни процедури за да имаме уште повеќе вакви инвестиции затоа што зелената економија и е потребна на државата, рече Николоски.
Посочи дека во изминатите денови имало неколку инвестиции на 21 век како ветерн парк, реконструкција на аеродром.
-Имаме след од неколку дена на инвестиции коишто се инвестиции на 21 век – дали се работи за ветерен парк, дали се работи за практично нов аеродром или се работи за оваа когенеративна централа. И додека едни се против дата-центри и да останеме или да се вратиме во 19-тиот век, ние храбро грабиме во 21-от век, и Владата предводена од премиерот Мицкоски има јасна визија каде треба да движи државата, а тоа е во насоката којашто ја гледаме и денес”. И додека едни се против дата центри и сакаат да се вратиме во 19 век, ние храбро одиме напред – рече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Владата ќе продолжи да поддржува инвестиции што значат повеќе енергија и почиста животна средина.
-Ова е приватна инвестиција во делот на енергетиката, когенеративна централа. Што значи когенеративна централа? Дека во исто време ќе произведува и топлина за затоплување на домовите на граѓаните, но истовремено ќе произведува и електрична енергија. Нешто што навистина претставува успешен проект, особено имајќи ги предвид предизвикувачките времиња коишто ни престојат оваа зима. Можевме да го разгледаме самиот објект, да се увериме во тоа што е инсталирано, во гасните мотори, во автоматиката, во сè она коешто инвеститорот го подготвил за следната грејна сезона. Се запознавме со неговите планови за проширување на инвестицијата. Јас му честитам, ова е во насока на подобрување исто така и на квалитетот на животната средина, намалување на емисиите на штетни честички во воздухот и јас убеден сум дека вакви проекти се само додадена вредност во квалитетот на животот на нашите граѓани. Уште еднаш му честитам. Ние како влада ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти и нека е аирлија и да ни се множат уште повеќе вакви проекти – рече премиерот Мицкоски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска истакна дека денес се одбележува резултатот од една инвестиција која носи нов капацитет во домашниот енергетски систем, ново производство на електрична енергија и дополнителна сигурност за граѓаните и за македонската економија.
-Новата термоелектрична централа со инсталирана моќност од 2,1 мегават е пример дека енергетскиот развој мора да продолжи преку инвестиции, преку зголемување на домашните капацитети и преку создавање услови за посигурно и постабилно снабдување со електрична енергија. За нас, како Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, секој нов капацитет има пошироко значење. Нашата цел е да изградиме енергетски систем кој ќе биде сигурен, стабилен, модерен и конкурентен — систем кој ќе може да одговори и на потребите на граѓаните и на растечките потреби на индустријата. Тоа значи дека мора да инвестираме во ново производство, но истовремено во мрежата, во инфраструктурата, во енергетската ефикасност, во обновливите извори и во технологии кои ќе овозможат подобро управување со енергијата – рече таа.
Божиновска потенцира дека енергетската сигурност денес е многу повеќе од прашање на производство и е прашање на економска стабилност, конкурентност, инвестиции и квалитет на живот.
-Секој нов мегават домашно производство значи дополнителен капацитет, поголема отпорност на нашиот систем во услови на променливи цени и неизвесности на европските и на светските енергетски пазари. Ние, заедно со Владата, остануваме цврсто посветени на поддршката на ваквите капацитети. Наш заеднички интерес е да создадеме амбиент каде што домашните инвеститори ќе се чувствуваат сигурни да вложуваат во иднината на државата. Меѓутоа, секоја инвестиција треба да носи и поширока вредност за економијата, за локалната заедница и за иднината на државата. Затоа, овој настан го гледам како порака за она што треба да го правиме понатаму: да продолжиме да градиме, да инвестираме, да создаваме нови енергетски капацитети со јасна визија за модерен и сигурен енергетски систем – рече министерката Божиновска.
Министерот за животна средина, Муамет Хоџа нагласи дека инвестицијата на „TESSA Energy“ покажува колку е важна одговорноста на сите чинители во енергетиката и индустријата за постигнување позитивни промени во животната средина, како и потенцијалот на приватниот сектор за вложување во почисти технологии.
-Кога зборуваме за зелен пресврт, зборуваме за конкретни промени. Токму затоа се важни инвестициите во нови и поефикасни технологии, особено кога се работи за Скопје и борбата против загадувањето на воздухот. Преку овој систем, отпадната топлина од производството на електрична енергија се пренесува во системот на „Енерџи Еколинк“ и се користи за загревање на водата за околу 500 домаќинства и 14 институции во општините Чаир и Бутел. Воедно, на настанот беше најавена и втората фаза од инвестицијата која предвидува изградба на нова когенеративна електрана со инсталирана моќност од 10,5 MW, со што дополнително ќе се зајакне системот за централно греење и домашното производство на електрична енергија. Ваквите инвестиции покажуваат дека економскиот развој, енергетската сигурност и заштитата на животната средина можат да одат заедно и да носат конкретни придобивки за граѓаните“, порача министерот Хоџа, честитајќи ја успешната реализација на проектот – рече Хоџа.че Николоски.
септември 12, 2026
