Свет
Администрацијата на Трамп подготвува укинување на речиси 200 илјади туристички и деловни визи
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува укинување туристички и деловни визи за приближно 200 илјади странски државјани, кои поднеле барање за азил во САД.
Доколку биде спроведена, мерката би претставувала најголемо еднократно масовно укинување визи во историјата на САД.
Стејт департментот во следните недели би требало да објави укинување на таканаречените Б1 и Б2-визи издадени во периодот од 2016 до 2026 година на лица што во меѓувреме поднеле барање за азил, се наведува во документи на Стејт департментот до кои дошле медиумите.
Мерката ќе биде спроведена во координација со Министерството за внатрешна безбедност.
„Координираме со Министерството за внатрешна безбедност за да ги идентификуваме и укинеме визите на странски државјани што пристигнале во САД претставувајќи се како краткорочни посетители, но потоа поднеле барање за азил за да останат трајно во земјата“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Мерката би можела да биде оспорена пред суд или дополнително разгледана.
Откога Трамп ја презеде функцијата за својот втор мандат минатата година, неговата администрација континуирано ги заострува ограничувањата за лицата што аплицираат за американски визи, вклучително и со барање дополнителни информации за нивната активност на социјалните мрежи и со воведување високи такси за обработка на визите.
Администрацијата исто така целосно го забрани издавањето визи за државјани на одредени земји.
август 25, 2026
