Connect with us

Свет

Нил Деграс-Тајсон кај Пирс Морган за вонземјаните, универзумот и потрагата по вистината: „Што имало пред вселената? Немаме поим!“

Во неодамнешно интервју за емисијата „Нецензурирано со Пирс Морган“ (Piers Morgan Uncensored), познатиот американски астрофизичар Нил Деграс-Тајсон повторно се соочи со едно од најпопуларните прашања на денешницата: Дали човекот навистина има докази дека не е сам во универзумот? 

Разговорот со Пирс Морган се одвиваше во контекст на новиот филм на Стивен Спилберг, „Ден на разоткривањето“ (Disclosure Day), објавувањето американски документи за неидентификувани летачки објекти (НЛО) и неидентификувани аномалии и феномени (НАФ), а Тајсон го претстави и својот нов роман „Однесете ме кај вашиот лидер“ (Take Me to Your Leader). Научникот настапи со својата својствена комбинација на научен скептицизам и отвореност кон можноста дека во огромниот универзум можеби постои живот вон Земјата, иако нема научни докази за тоа.

– Дали верувам дека постои вонземски живот некаде во таа бесконечно огромна вселена? Веројатно. Мислам, ако е поинаку, тоа би било големо и ужасно залудно трошење простор! – вели Тајсон.

Можеби една од неговите главни пораки е тоа дека постоењето на нешто што науката денес не може да го објасни – не значи автоматски дека станува збор за вонземјани. Тајсон посочи дека во новообјавените американски материјали има случаи што остануваат мистерија, но дека токму тоа е причината науката да продолжи да истражува.

– Вистинскиот одговор не е ни слепо верување, ниту отфрлање веднаш. Треба, едноставно, да продолжиме со собирањето повеќе и подобри податоци. Фактот што одредени информации се класифицирани не е доказ за заговор на властите. Воените структури имаат легитимни причини да чуваат одредени податоци во тајност – појасни научникот.

Стана збор и за бесконечноста на универзумот.

– Онаа вселена што можеме да ја видиме има граници. Но, тоа не се физички граници. Тоа е последица на брзината на светлината, и на староста на универзумот. Сѐ тоа го поставува хоризонтот. Ние (научниците) сме прилично сигурни дека зад тој наш хоризонт – има уште простор. Не знаеме до каде оди, но веројатно е бесконечен простор – објасни Тајсон.

Прашан, што било и што имало пред вселената, научникот одговара:

– Не знаеме. Но, нашите врвни луѓе работат на тоа прашање. Можеби имало и „мултиверзум“ од којшто произлегле повеќе универзуми, а ние сме еден од нив. Но, ова само го турка прашањево чекор понапред. Така што – не знаеме.

Тајсон говореше и за потенцијалната комуникација со интелигентен вонземски живот. Тој смета дека ако човештвото некогаш сака да испрати порака до цивилизација која не го зборува нашиот јазик, би морало да користи нешто што не зависи од културата или јазикот. Како пример ја наведува математиката.

– Наместо да испраќаме пораки составени од човечки зборови и симболи, би можеле да ги користиме основните математички функции, геометриски форми или обрасци коишто би можеле да покажат дека зад пораката стои интелигентна цивилизација. Математиката е јазикот на универзумот – додаде научникот.

Тајсон е подготвен да прифати дека во некои случаи навистина постои нешто што сè уште не може да си го објасниме, но смета дека следниот чекор мора да биде научен – подобри инструменти, повеќе податоци и внимателна анализа. Во време кога НЛО-а, владини документи, филмови и интернет-теории повторно го враќаат тој интерес, неговиот пристап е едноставен: Да ја оставиме отворена можноста за вонземски живот, но не ги мешајте поимите „можности“ и „докази“.

Нил Деграс-Тајсон важи за многу почитуван американски астрофизичар, научник и, особено – како научен комуникатор. Иако, како јавна личност, не е без критичари. Најчестата критика е дека неговата астрофизика не е невалидна, туку понекогаш премногу категорично или поедноставено настапува во јавните дебати и на теми вон неговата тесна експертиза. Најголемата и извонредна сила на Тајсон е популаризацијата на науката.

Познат е и по неговата улога во „деградирањето“ на Плутон: Уште пред одлуката на Меѓународниот астрономски сојуз во 2006 година, Планетариумот „Хејден“ под раководство на Тајсон го претставуваше Плутон како дел од множеството мали ледени тела. Подоцна „последната планета“ во Сончевиот Систем официјално беше класифицирана како џуџеста планета. 

Инаку, има сериозна академска кариера, меѓу другото, и како истражувач-соработник во Американскиот природонаучен музеј, член на националната Академија на науки и уметности (од 2015.) и на Американското филозофско друштво (2021). Најзначајни признанија: „Медал за јавен интерес“ – највисокото граѓанско признание на НАСА, „Медал за јавен придонес“ на Националната научна академија, наградата „Клопстег меморијал“, „Ајзак Асимов“, „Хабард“, медалот „Стивен Хокинг“ за наука и комуникациски вештини и други признанија. По Тајсон е именуван и астероидот „13123 Тајсон“.