Општини
Кочани станува дел од меѓународната програма KNVB WorldCoaches – Фудбал за животни вештини
Амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, денеска оствари работна средба со градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, при што ја соопшти одлуката Кочани да стане дел од меѓународната програма KNVB WorldCoaches, што ја реализира Кралската холандска фудбалска федерација (KNVB) со поддршка на УЕФА.
Во фокусот на програмата е концептот Фудбал за животни вештини, чија цел не е создавање професионални фудбалери, туку градење позитивна, безбедна и инклузивна средина во која децата преку спортот стекнуваат важни животни вредности, а тренерите стануваат позитивни примери и лидери во своите заедници.
Амбасадорката истакна дека програмата предвидува обука на локални тренери, наставници и волонтери кои, покрај развивањето на фудбалските вештини, ќе ги поттикнуваат децата да изградат самодоверба, лидерски способности, тимски дух, почитување на различностите, социјална вклученост и здрави животни навики. Со ваквиот пристап, според неа, се придонесува и кон унапредување на здравјето, квалитетното образование и социјалната кохезија во заедницата.
Градоначалникот Грозданов изрази задоволство што Кочани е избрано да биде дел од оваа меѓународна иницијатива.
– Особено нѐ радува што Кочани ќе стане дел од една ваква меѓународна иницијатива. Во период кога вложуваме во закрепнувањето на заедницата и во поддршката на младите, секоја програма што преку спортот гради самодоверба, солидарност и здрави животни навики има особена вредност за нашиот град – истакна Грозданов.
При престојот во Кочани амбасадорката Џанел, го посети ГС “Никола Мантов” и ГФК “Осогово”, каде и беше подарен дрес во кој настапува кочанскиот фудбалски второлигаш.
Со вклучувањето во програмата KNVB WorldCoaches, Општина Кочани ќе добие можност да развива нови пристапи во работата со децата и младите, користејќи го спортот како средство за личен развој, еднакви можности и градење посилна и покохезивна заедница, сметаат од локалната самоуправа.
Локален партнер во спроведувањето на овој проект ќе биде невладината организација ТАКТ.
јули 18, 2026


