Connect with us

Вести

15 јули, роденден на Шатев: Сандански ме импресионира со цврстиот став, Гоце Делчев со љубезноста, скромноста и искреноста

„Го сретнав еден ден Трајче Христов од Велес – мој поранешен соученик и некогашен водач во Велес и нелегален агитатор во Малешевијата… Ме одведе во еден двор, на чиј крај имаше куќа со две соби и ходник. Вратата од едната соба беше полуотворена. Погледнав и забележав дека во собата имаше доста луѓе. Трајче ме одведе во другата соба и отиде каде што беа другите луѓе. По некое време, влезе со двајца. Ми ги претстави: Гоце Делчев и Јане Сандански“.

На 15 јули 1882, во Кратово, роден е Павел Шатев – македонски национален револуционер, анархист, гемиџија, интелектуалец, идеолог на ВМРО (Обединета), партизан, политичар, државник. Уште како млад, како ученик во Солун, се запознава идеите на ВМРО. Со групата Гемиџии, во т.н. солунски атентати во 1903 година, Шатев го запалил францускиот параброд „Гвадалкивир“. Уапсен е и испратен во областа Фезан, во јужна Либија. Сепак, по општата амнестија од султанот во 1908, заедно со другите затвореници, и Шатев е ослободен.

Уште во почетокот на 1900 година Гоце Делчев, Тодор Органџиев, Трајчо Христов и други македонски револуционери во Софија решиле да ја кренат Отоманската банка во воздух; Борис Сарафов ветил пари; планот почнал да се кова… Така се родила групата Гемиџии. По две години, бегајќи од отоманска потера – Павел Шатев се нашол во Софија. Токму тука ги запознал Гоце Делчев и Јане Сандански, и тоа преку Христов.

Март, 1902: „Го сретнав еден ден Трајче Христов од Велес – мој поранешен соученик и некогашен водач во Велес, а извесно време и нелегален агитатор во Малешевијата, каде што присуствувал неколку години. Тој беше близок пријател со Гоце Делчев и сите поистакнати македонски дејци и револуционери. Во еден ресторан го најдов и Петар Бошнаков, мој познајник и близок пријател на Трајче Христов. Во неговите најдобри години е водач на Велешкиот окружен револуционерен комитет, а во тоа време службеник во службата за статистика во Софија. И двајцата ме знаеја добро познавајќи го истовремено и целиот Скопски револуционерен округ, па разговаравме речиси цел ден. Следниот ден дојде Трајче и ми рече дека ќе ме однесе кај неговите познајници, каде што дефинитивно морам да се појавам. Одевме по разни улици и стигнавме до последната станица на трамвајската линија ‘Гроф Игнатиев’. Трајче застана, погледна наоколу на улицата и ме одведе во еден двор, на чиј крај имаше куќа со две соби и ходник. Влеговме во ходникот. Вратата од едната соба беше полуотворена. Погледнав и забележав дека во собата имаше доста луѓе, сите со интелигентни лица, кои гласно зборуваа. Христов ме одведе во другата соба и отиде каде што беа другите луѓе. По некое време, Трајче влезе со двајца луѓе. Ми ги претстави: Гоце Делчев и Јане Сандански“ – раскажува Шатев во мемоарскиот труд „Македонија под ропство – Солунскиот заговор (1903)“.

Делчев и Сандански, однапред информирани од Христов, почнале да го испрашуваат новајлијата за состојбите во Кратово во врска со организацијата.

„Седевме околу елиптична маса, покриена со бел чаршав, на кој беа лицата на познати научници, генерали и др.: Њутн, Наполеон, Вашингтон, Линеј итн. Влегов во разговор со двајца од големите луѓе на македонскиот народ… Им кажав што знам. Исто така, ги информирав дека на излегување месниот комитет ми дал писмо, кое го уништив, плашејќи се дека ќе ме фатат преминувајќи ја границата. Делчев се насмеа и почна да раскажува за своите авантури во Паланечко и на крајот иронично рече: ‘Паланка комити не пази’. Делчев сакаше да каже дека од сите реони во Македонија, Паланечко e најлошо организирано, а истовремено почна да објаснува зошто до тој миг не можело да се создаде посилна револуционерна организација во паланечката околија. Јане Сандански само набљудуваше, слушаше внимателно и цело време кажуваше по неколку збора. Ме импресионира со својот цврст стави сериозност, а Гоце со неговата љубезност, искреност и скромност. По долги разговори, ја напуштивме куќата“ – се потсетува Шатев.

Потоа го прашал Трајче: Зошто се собираат во оваа куќа?

„Се кријат. Парите за Мис Стон се земени, полицијата знае, а врховистите се будни и сакаат владата (на Бугарија, н.з.) да ја конфискува сумата по секоја цена. Таа сума е многу голема – 14.000 турски лири, та да не ѝ се даде можност на Внатрешната организација да се зајакне и да биде понезависна, и да остане или без средства или секогаш зависна од Бугарската влада за оружје. Досега, Софија не видела поголеми заговорници, а полицијата не била толку будна. И обично едните зависат од другите, и обратно“ – одговорил гемиџијата Христов, кој според Шатев, бил случајно убиен таа 1902, па не ги дочекал солунските атентати по една година.

После тоа, според Шатев – Сандански повторно заминал во внатрешноста на Македонија, а Делчев останал во Бугарија доста долго време движејќи се безгрижно низ градот, сместен во хотелот „Батенберг“.

Шатев натаму ги опишува своите помалку познати, но не и помалку битни за историјата, истомисленици и соборци…

„Трајче Христов беше физички силен; имаше борбен, но нежен карактер; и весел – секогаш беше весел. Бидејќи дојде од народот, не го заборави и со својот здрав разум, храброст и самоодрекување, како народен учител, беше сакан од сите граѓани и селани. Особено меѓу селаните уживал голем авторитет и создал широки врски. Неговата најсвојствена црта е тоа што беше одличен пропагатор и организатор. Добро ги познаваше велешкото и малешевското подрачје и насекаде создаде револуционерни групи – селски и градски комитети. Во овој поглед, во првите години по создавањето на ВМРО, тој се натпреваруваше со Гоце Делчев во неговата интензивна дејност“, нагласува мемоаристот.

Шатев потоа говори и за Петар Бошнаков од Велес – најверојатно роднина на попознатиот гемиџија и затвореник во Фезан, Марко Бошнаков… Според пишувањата на Шатев, Петар уште тогаш имал кревко здравје, а починал во 1908 година. Според други извори, си го одзел животот не можејќи да ја поднесе својата подмолна болест – туберкулозата.

„Петар Бошнаков јасно и категорично ги осудуваше врховистите, но истовремено ги критикува тактиките на водечките големи и мали личности во организацијата, т.е. ги критикува некои од методите и средствата за борба што ги користеле Ѓорче Петров, Гоце Делчев, Димитар Стефанов итн. како дејци во тоа време во Бугарија, како и активностите на самиот Централен комитет на ВМРО со седиште во Солун. Поради ова, Бошнаков не држел никаква одговорна функција, бил обичен службеник и држел одредена дистанција од самите централисти. Неговиот грев е што секогаш бил понезависен од една страна, а од друга – неговото здравје не му дозволувало да оди нелегално во Македонија; покрај тоа, бил исклучително скромен и без никакви претензии. Сепак, речиси сите иселеници од Велес биле околу него и ако Трајче Христов бил центарот околу кој се групирале граѓаните, занаетчиите, трговците и особено селаните, Петар Бошнаков бил централна личност на велешаните, како и на дел од интелигенцијата во Скопскиот револуционерен округ“, подвлекува Шатев.

Трајче и Петар биле две „комплементарни природи“, кои се дополнувале меѓусебно – двајца типични претставници на револуционерно-народните маси и интелигенцијата во скопското подрачје.

„Тие се творци на повеќето познати и непознати револуционерни борци во градот Велес и округот. Трајче Христов, Петар Бошнаков и Милан – Миле Попјорданов се претходници на сите борци и револуционери од првата револуционерна ера што ја дале Велес и Округот. Тие имаа револуционерен потенцијал што ќе се развиваше доколку ерата во којашто живееја беше поинаква и условите во кои дејствуваа дозволија да се манифестираат нивните неоспорни способности – првиот како организатор, вториот како интелект и третиот како таен заговорник, но смртта предвреме ги оттргна од земниот живот“ – пишува нашиот последен гемиџија.

Шатев подоцна во животот е еден од основачите на ВМРО (Об.) во 1925 година. Следната деценија се враќа во Бугарија и работи како адвокат, а се занимава и со публицистика. Во 1942 година во Софија е осуден на смрт, па на 15 години затвор. По падот на наци-фашистичкиот режим на 9 септември 1944, Шатев е амнестиран.

Учествува во АСНОМ. Во Првата македонска влада од 1945 е избран за министер на правосудство, а потоа, во мај 1946 – за потпретседател на Президиумот на АСНОМ.

Во 1949 година, по Резолуцијата на Информбирото, југословенските власти го апсат Шатев „како потенцијален непријател на државата“ и тој е отстранет од јавниот живот. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа го испраќаат во Битола, каде што издржува еден вид домашен притвор сѐ до својата смрт на 30 јануари 1951 година.

Ad
Ad