Connect with us

Вести

Владата за најавената реконструкција: Разговорите се во рана фаза, станува збор за чувствителен процес со сериозен пристап

Владата, во однос на најавената реконструкција, соопштува дека процесот се одвива преку разговори со коалициските партнери. Денеска и утре се предвидени средби со политичките партии ЗНАМ и ВРЕДИ.

-Со оглед на тоа што разговорите се во рана фаза и станува збор за чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап, во овој момент не би навлегувале во дополнителни детали. Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана, соопштуваат од Владата.

Она што во моментов останува непроменета позиција и јасен принцип на претседателот на Владата, проф. др Христијан Мицкоски, беа пораките кои тој јавно ги упати на одбележувањето на 36-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, потсетуваат оттаму.

Премиерот, додаваат од Владата, тогаш нагласи дека внимателно ги следи состојбите во институциите и дека не е задоволен од појавите кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата.

Тој посочи дека до него пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните.

-Мицкоски јасно порача дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, додавајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните, наведуваат од Владата.

Во своето обраќање тој нагласи дека нема да толерира несовесност, неодговорност и отстапување од принципите врз кои се темели работата на Владата, без разлика на функцијата што некој ја извршува.

Премиерот исто така порача дека не прифаќа оправдувања за неисполнување на обврските и дека секој што не може да одговори на предизвиците треба чесно да го преиспита своето место во тимот.

– Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен – беше пораката на Мицкоски.

-Основниот критериум во процесот на реконструкција останува ефикасноста, достапноста кон граѓаните, исполнувањето на програмските цели и целосната посветеност на работата во интерес на народот, соопштуваат од Владата. 

Ad
Ad