Скопје
Со „Мали промени – големи разлики“ почнува „Патувачкото кино“ во општина Центар
Општина Центар вечер со почеток од 20 часот во Парк Капиштец, ја одржува првата филмска проекција на македонскиот детски филм „Мали промени – големи разлики“ во рамки на проектот „Патувачко кино“, што ќе трае од 2 до 13 јуни, соопштија денеска од локалната самоуправа.
– Ги поканувам децата и родителите на бесплатно кино под отворено небо. Филмската приказна, реализирана со поддршка на Општина Центар, е специјално наменета за младите и носи поуки за бонтонот, другарството и вистинските вредности. Повелете на дружење во вечерните часови, во пријатната атмосфера на нашите паркови – порачува градоначалникот Горан Герасимовски.
По проекцијата во Парк Капиштец, филмот вечер ќе биде прикажан и кај ООУ „Кочо Рацин“ во терминот од 21 часот.
Општина Центар информира дека во периодот од 2 до 13 јуни ќе се одржуваат бесплатни филмски проекции низ центарските паркови, со содржини посветени на младата публика, а за секое дете се обезбедени пуканки и сокче.
– Проектот „Патувачко кино“ овозможува заеднички моменти на дружење и културно-едукативно доживување, збогатувајќи ја летната понуда во градот – потенцираа од Општина Центар
јуни 2, 2026
