Скопје
Градоначалникот Митески на увид во градежните активности на „Лисец“ во Горно Лисиче
Градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности за целосна реконструкција на улицата Лисец – крак десно, во Горно Лисиче – значаен инфраструктурен проект, со кој, по долг период, оваа важна сообраќајница добива нов, современ и функционален изглед, соопштија од локалната самоуправа.
Од Општина Аеродром истакнаа дека со реконструкцијата директно се подобруваат безбедноста, инфраструктурата и условите за секојдневно функционирање на жителите.
– Во рамките на проектот се поставува нов асфалт, се градат нови тротоари, а целиот потег добива уреден и модерен лик. Со проектот се реализира: целосна реконструкција на улицата во должина од 520 метри, поставување нов тампонски слој и нов асфалт, над 3.300 квадратни метри нова асфалтна површина, изградба на нови тротоари со површина од 1.400 квадратни метри – пишува во соопштението.
Паралелно и во согласност со предвидената динамика, како што информираа од Општината, се реализираат и активностите на улицата Лисец – крак лево, со што целиот овој дел од Горно Лисиче добива уреден, безбеден и современ изглед.
– Вредноста на проектот изнесува приближно 16,5 милиони денари и се реализира со поддршка од Владата. Општина Аеродром продолжува посветено и одговорно да инвестира во инфраструктурата и во подобрување на условите за живеење во секој дел од општината, со цел создавање современа, функционална и уредена локална средина за сите граѓани – потенцираа од Општината.
јуни 2, 2026
